Насобраните бегалци и мигранти во прифатниот бегалски камп Диавата во близина на Солун, повторно масовно се обидоа да ги пробијат полициските блокади и да се упатат кон Идомени и границата со Северна Македонија, по што полицијата употреби солзавец и шок бомби за да го спречи нивниот обид.

Откако не успеаја во нивната намера, дел од бегалците и мигрантите ја запалија блиската трева и се упатија во друга насока, но и таму наидоа на полициска блокада.

По лажната вест што во изминатиот период се споделуваше на социјалните мрежи дека повторно ќе бидат отворени границата и балканската бегалска рута кон Европа, околу 500 бегалци и мигранти од цела Грција се упатија кон Солун и вчера поставија над 100 шатори пред прифатниот центар Диавата.

Полицијата веднаш реагираше целосно опколувајќи го импровизиран камп пред Диавата.

Пресинг ТВ минатата недела објави еден извештај кој предвиде дека на 5 април ќе тргне еден конвој бегалци кон Јанина, но сега бегалците решиле да ја променат рутата и да тргнат кон границата со Македонија, по дадена таква инструкција преку Фејсбук .

Тензиите почнаа вчера, а тие продолжија и денес кога 500 мигранти од еден див камп решија да тргнат Идомени-Богородица и на препада ја преминат границата со Македонија.

Денес изутрина група жени се обиде да го пробие полицискиот кордон, но не успеаа во тоа. А, вчерашните судири со полицијата завршија со апсење на еден Ирачанин заради давање отпор при апсење и нанесување повреда на полицаец. Медиумите објавија дека конвојот тргнал кон границата со Македонија откако на Фејсбук била објавена лажна информација дека македонските власти ќе ја отворат границата и ќе ги пропуштат на патот, најверојатно, за Германија како крајна дестинација.