Ангела Меркел и Реџеп Тап Ердоган телефонски разговарале за договорот меѓу ЕУ и Турција за бегалците, откако во изминатиот период е зголемен бројот на бегалци на грчките острови.

Лидерите на Германија и на Турција разговарале за ситуацијата во Егејот и за соработката околу движењето на бегалците во рамки на договорот ЕУ-Турција, изјави портпаролот на германската влада.

Меркел и Ердоган, исто така, разговарале и за развојот на настаните во Сирија и во Либија.

Неодамна Ердоган се закани дека Турција може да ја отвори вратата за бегалците и тие да заминат кон Европа затоа што Унијата не ги исполнува своите обврски согласно договорот, но притоа не кажа кои се тие неисполнети обврски. Брисел потоа соопшти дека речиси целиот финансиски пакет за Турција е исплатен.

Од друга страна, состојбата на неколку грчки острови повторно станува алармантна, иако не како во 2015 и во 2016 година. Меѓутоа, се смета дека Грција не може да го издржи поголемиот наплив на бегалци и на азиланти на островите, па од тие причини можно е Германија да преземе дел од процедурите за азилот.