Шести октомври е можниот датум за одржување на предвремените парламентарни избори во Косово, откако денеска косовските пратеници го изгласаа распуштањето на законодавниот дом.

Сега се очекува претседателот на државата Хашим Тачи да го одреди датумот за одржување на предвремените, седми по ред, парламентарни избори во земјата. Според пишуваето на косовскиот весник „Коха Диторе“, можниот датум за одржување на изборите Хашим Тачи ѝ ги спомнал на претседателката на Централната изборна комисија, Ваљдете Дака, на средбата што вчера ја имаше со неа.

Според извори од кабинетот на Тачи, изборите ќе се прогласат веднаш по распуштањето на Собранието.

Претседателот изјави дека доколку се распушти собранието в четврток, тој еднаш в петок, или најдоцна в понеделник, ќе го декретира датумот на предвремените избори. Тој одлучи изборите да се одржат на 6 октомври. Предвидената динамика може да се смени единствено доколку Собранието денеска не се самораспушти, вели изворот на „Коха Диторе“.

По оставката, пред нешто повеќе од месец дена, на премиерот Рамуш Харадинај, косовските парламентарни партии и од власта и од опозицијата, се договорија Собранието да се самораспушти на 22 август, по што претседателот Тачи треба да ги прогласи предвремените парламентарни избори.