Од утре сите граѓани на Северна Македонија, Хрватска, Бугарија и Романија за влез во Србија треба да имаат негативен ПЦР тест кој нема да биде постар од 48 часа, решено е денес на седницата на Кризниот штаб, јави дописникот на МИА од Белград.

Таа одлука ќе важи од утре, 15 август и нема да се однесува на српските државјани кои доаѓаат од територијата на тие земји, изјави епидемиологот Дарија Кисиќ Тепавчевиќ по седницата на Кризниот штаб.

Таа додаде дека пропишаниот период од 48 часа започнува да тече од моментот на издавање на сертификатите од страна на лабораториите.

Кисиќ Тепавчевиќ посочи дека таквата одлука е донесена врз основа на проценка на епидемиолошката состојба, како и врз основа на трендот на заболување од коронавирусот.

Таа изјави дека е донесена одлука од утре да не важат рестрикциите за граѓаните на Црна Гора во однос на влегувањето во Србија.

Денес Црна Гора најави укинување на забраната за влез во таа земја за српските државјани, а директорот на Институтот за јавно здравје на Црна Гора , Бобан Мугоча, изјави дека услов за влез во Црна Гора, најверојато, ќе биде негативен тест за коронавирус