Поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај соопшти дека денеска од Уставниот суд побарал толкување на оставката која ја поднесе на 19 јули и идното функционирање на владата до, како што наведува, одржувањето на вонредните парлаентарни избори.

Тој на својот Фејсбук профил напиша дека причина за неговото барање од судот да добие појаснување на правната ситуација настаната по новите околности.

Смета дека тоа е негова одговорност за, како што вели, до наредните избори владата да функционира во рамки на уставната и правна рамка.

Харадинај рече дека се надева на итна реакција на Уставниот суд и додаде дека ќе ја почитува неговата одлука каква и да е.

Истовремено, тој го повика претседателот на државата Хашим Тачи, парламентот и политичките партии да преземат активности за потребата од одржување на вонредни парламентарни избори.

Харадинај поднесе оставка бидејќи беше повикан да се појави во Хаг пред Специјалниот суд за воени злосторства 1998 – 2000 на поранешната ОВК, каде беше еден од командантите.