За албанско- грчките односи, карактеризирајќи ги како историски и традиционални, но и за подготвеноста за подобрување на релациите на секојдневна основа, говори премиерот на Албанија, Еди Рама за грчката новинска агенција АНА-МПА.

Тоа е историски и традиционален соседски однос, а како што секогаш се случува со соседите, не е се идеално. Го знаеме ова од нашето соседство, со секој сосед, дали е во село, дали е во град, дали е меѓу земјите, секогаш е исто, истакна Рама.

Тој и се пошегува, истакнувајќи дека тоа целосно може да се разбере „ако гледаш фудбалски натпревар меѓу соседи, тоа е како војна”.

Премиерот на Албанија наведе и дека постои подготвеност за подобрување на секојдневните односи, а како најважно го наведе тоа што не постои непријателство меѓу народите.

Грците ја сакаат Албанија, Албанците ја сакаат Грција. Останатото е само политика, посочи албанскиот премиер.

Еди Рама на маргините на конференцијата за новински агенции и лажни вести што се одржа во Тирана, за АНА-МПА изјави дека очекува набрзо да се сретне со неговиот грчки колега, јави дописничката на МИА од Атина.

Се очекува наскоро да се сретнеме. Не знам каде, во Тирана или во Атина, но се очекува набргу да се сретнеме. Се наоѓаме во процес на многу интензивен дијалог и разговори за многу прашања кои опфаќаат многу години, но и други кои никогаш не биле поставени со целосна волја, храброст и одлучност да се решат, наведе Рама во интервјуто и додаде дека „се многу блиску до решение на отворените прашања.