Амбасадорот на Германија во Косово, Кристијан Хелд, ја осуди одлуката на Централната изборна комисија на Косово, (ЦИК) да не ѝ се дозволи на најголемата партија на косовските Срби, Српската листа, да учествува со свои кандидати на вонредните локални избори во северно Косово на 19 мај.

Хелд изјави дека не ја разбира политичката логика на одлуката на ЦИК.

Бидејќи не сум во можност да го коментирам законскиот аспект на ова прашање во моментов, се прашувам која е политичката мудрост во преземањето таков чекор – реагира германскиот амбасадор.

Хелд изјави дека дополнителен проблем на ЦИК, што ги комплицира работите уште повеќе, е некомплетирањето на нејзиниот состав, со оглед дека двајца од 11 членови колку што треба да има Комисијата, се уште не се избрани.

На седницата на ЦИК, од девет присутни членови, за заверка на кандидатите на СЛ гласаа седуммина, а за да им се признае правото за учество на избори беа потребни осум гласа. Од гласање апстинираа двајцата членови на Комисијата од редовите на опозициското Движење Самоопределување (ВВ).

Кандидатите на двете албански партии кои ќе учествуваат на овие избори, Демократската партија на Косово (ПДК) и ВВ, беа изгласани од сите присутни членови на ЦИК.

Членовите на ВВ во Комисијата побараа на СЛ да ѝ се даде рок од 24 часа за да ги смени кандидатите или да се дистанцира од нивните изјави со кои ја негираат државноста на Косово, со тоа што земјата ја нарекуваат „Косово и Метохија“.

Членот на ЦИК од редовите на СЛ, Стеван Веселиновиќ, изјави дека спречувањето на неговата партија да учествува на изборите претставува политички напад, затоа што нејзините кандидати ги исполниле сите критериуми кои се предвидени со Законот за избори.

СЛ има рок од 24 часа да се жали на Изборниот панел за жалби и претставки, кој ја носи конечната одлука за тоа дали нејзините кандидати имаат право да учествуваат на избори, или да предложи други кандидати.

Вонредни избори на 19 мај треба да се одржат во општините Лепосавиќ, Зубин Поток, Звечане и Северна Митровица, откако во ноември, градоначалниците Срби поднесоа оставки во знак на незадоволство поради тоа што Владата во Приштина воведе такса од 100 отсто на увозот од Србија и од Босна и Херцеговина.