Парламентот во Софија формираше анкетна комисија за проверка на сите податоци, факти и околности околу изнесените тврдења во европските и бугарските медиуми за скандалозната шема за поткуп при добивањето на бугарско државјанство за странски граѓани. „За“ гласаа 161 пратеник, еден беше против и четворица воздржани, јавуваат бугарските медиуми.

На предлог на „Обединети патриоти“, комисијата е формирана на пропорционален принцип, согласно бројноста на парламентарните групи, и се состои од 17 членови. Првично се предлагаше да биде на паритетен принцип.

За претседател е избран Јордан Цонев од ДПС, а за заменик-претседател Тома Биков од ГЕРБ. Рокот за работа на анкетната комисија е три месеци.