Три години по договорот меѓу ЕУ и Турција за надминување на мигрантската криза, Европската комисија сериозно ја критикува состојбата во грчките бегалските кампови, пишува германскиот весник „Велт Ам Зонтаг“.

Критиките на ЕК доаѓаат врз основа на извештај на гермаската Амбасада во Атина.

Весникот го цитира Сајмон Морду, шеф на Управниот комитет за спроведување на европско-турскиот договор, според кого, бегалскиот камп на грчкиот остров Самос е „срам за Европа”.

ЕК, повикувајќи се на извештајот на Амбасадата на Германија, ги повикува членките на ЕУ да извршат притисок врз Атина да преземе одговорноста за условите во камповите и да ја забрза процедурата за азил.

Во извештајот се истакнува дека во 2018 година од 322 дојдени мигранти и бегалци, само еден процент биле вратени во Турција. Сиријците, за кои ЕУ има договор со Турција, се само седум проценти од новопристигнатите.

Фото ПресингТВ

Договорот беше дел од миграциската политика на Германија и беше сериозно критикуван од десницата во целата Европска унија.

Весникот пишува дека Германците го гледаат договорот како „неуспех“ барем во однос на враќањето на бегалците.

Само промена во Владата може да ја зголеми желбата за поактивна политика за враќање, се вели во извештајот на Германската амбасада.

Германскиот извештај беше коментиран и од портпаролот на грчкото Министерство за миграцијата, кој рече дека Грција била оставена сама да се справи со миграциската криза.

Распределба на мигранти низ земјите членки ќе покаже дали се уште има солидарност во ЕУ, вели портпаролот.

Недостигот на солидарност и неуспехот на Турција да ги спречи чамците полни со мигранти да испловуваат од турскиот брег, е причината за состојбата на Самос, вели официјална Атина.