Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган доживеа пораз на локалните избори во земјата. Тој ги изгуби престолнината Анкара и најголемиот град Истанбул за прв пат од неговото 16-годишно владеење.

Во Истанбул, кандидтот на опозициската Народно-републиканска партија, Екрем Имамоглу, го победи својот ривал од Партијата на правдата и развојот на претседателот Ердоган-Бинали Јилдирим за 27.000 гласови. Ова го соопшти претседателот на Изборната комисија, Сади Ѓувен, пренесува Ројтерс.

Имамоглу има 4. 159.650, а Јилдирим 4.131.761 гласови.

Во Анкара, кандидатот на опозицијата води со околу 3% со што владејачката партија ја губи контролата над главниот град за првпат по 25 години. Ѓувен не прецизира колку од гласачките ливчиња се преброени, но нгласи дека 290.000 гласачки ливчиња биле неважечки.

Партиите и кандидатите имаат рок од три дена за жалби.

Сметам дека единствена причина да не ги постигнеме резултатите, што ги очекувавме е што не успеавме доволно добро да ги претставиме нашите позиции пред нацијата и не успеавме да ги придобиеме срцата на луѓето, коментираше Ердоган.

Независно од клучните загуби, тој се пофали дека неговата партија освоила 51% од градовите, вклучувајќи го и третиот по големина Измир. Ердоган вети дека власта ќе се фокусира на турската економија пред парламентарните избори во 2023 година.