Лажната вест со наслов „Излезете надвор од дома, се предвидува силен земјотрес. Еве во колку часот“, предизвикала синоќа невидена паника кај жителите на Тирана, Драч и Елбасан кои излегле од нивните домови.
Веста била објавена веднаш по силниот земјотрес кој ја погоди Албанија синоќа после 22 часот со јачина 4,5 степени според Рихтер, а со епицентар 7 километри северозападно од Валона и 20 километри од Тирана.
Веднаш по веста реагираше албанскиот премиер Еди Рама преку Фејсбук кој напиша дека станува збор за лажна вест и дека „секој идиот кој пишува за предвидувања на земјотреси треба да се игнорира“.
Реагираше и Министерството за внатрешни работи преку прес-конференција со цел да ги смири граѓаните кои испаничени до доцна вечерта чекаа низ улиците.
По објавувањето на веста и создадената паника, албанската полиција соопшти дека двајца новинари биле приведени. Според албанските медиуми станува збор за новинарот на порталот „SYRI.net“, Аурел Ракиплари и новинарката Даниела Грица од весникот „Шекули“.
Објавување на лажни вести е кривично дело и во Албанија се казнува со 5 години затвор.
Comments are closed for this post.