Панос Каменос, грчкиот министер за одбрана, повторно ја загреа политичката атмосфера со нова најава дека излегува од Владата. Овој пат пораката ја испрати од Кипар, каде беше во посета на поделениот остров.

Тојј испрати Божикна порака во која нагласува дека ниту тој, ниту неговото Министерство нема да дозволат да помине името Македонија, притоа мислејќи на ратификацијата на Преспанскиот договор во грчкиот парламент. Интересно е дека Каменос кажа, а тоа не остане незабележано, дека можеби за последен пат го посетува Кипар во својство на министер за одбрана. Доволно, за повторно да се разбрануваат духовите во Максимус, па Владата пак да се занимава и за Божик со математика – како да се дојде до просто мнозинство за да помине Преспанскиот договор.

Договорот се очекува во грчкиот парламент во февруари в година, откако во јануари се очекува да помине во македонското Собрание.

Дали во Атина Ципрас ќе обезбеди мнозинство е прашање кое ќе го анализираат два дена со гостинката, германската канцеларка Ангела Меркел, која по цели четири ипол години доаѓа во Грција. Последен пат тоа беше за време на финансиската и должничка криза на Грција, кога повеќе од 60.000 луѓе гневно ја пречекаа германската канцеларка на улиците на Атина. Сега гневот е драстично спласнат.

За време на посетата на Атина Меркел на 10 и 11 јануари в година таа ќе се сретне со премиерот Алексис Ципрас, со претседателот на државата Павлос Прокопулос, и со лидерот на опозицијата, Киријакос Мицотакис. Според „Катимерини“ клучно прашање ќе биде излегувањето од меморандумот за должничката криза, но пред се Преспанскиот договор. Затоа, што е јасно дека посетата на Атина е темпирана – таа доаѓа по очекуваната ратификација на Преспанскиот во Собранието на Република Македонија. Со други зборови, Меркел ќе ги постројува грчките пратеници најмалку до 151, потребно мнозинство за ратификација. Прашање е дали во тој строј ќе се најде и Каменос и што со тврдокорниот Мицотакис? Колку неговата Нова демократија ќе си стои на ставот дека не дава согласност за Преспанскиот договор?

Прашањето за воените репарации

Иако во моментов грчките медиуми не најавуваат, сепак останува отворена можноста на масата на Меркел да и се постави грчкото барање за воени репарации. Ова би можел да го побара претседателот Павлопулос, кој пред неколку месеци за тоа разговараше со грчкиот колега Валтер Штајнмаер. Станува збор за воени репарации во висина од 279 милијарди долари за штети направени од нацистичка Германија.

Германија до сега повеќе пати повторувала дека тоа прашање за нејзе е затворено со тоа што на Грција во 1960 година и исплатила 115 милиони марки, како и исполнила други обврски.