Грчкиот премиер Алексис Ципрас тргнува во нешто што никој претходно не успеал да го направи – државата да ја одвои од црквата. Прашањето е многу чувствително и комплексно ако се знае дека улогата на црквата во јавниот и во политичкиот живот е голема.

Прашањето што сега се поставува во Грција е дали Ципрас по средбата со поглаварот на Грчката црква Иеронимус постигнал „златен договор“ или е отворена „света војна“? Ципрас можеби го има благословот на владиката Иеронимус, но не и од огромен број свештеници, како и од коалицискиот партнер АНЕЛ и опозицијата.

Според договорот Циперс-Иеронимус, поповите во Грција не би имале статус на „граѓански службеници“, што значи и нема да земаат државна плата, туку Црквата ќе добие сума еднаква на таа што државата и ја доделува на свештенството. На овој начин државата од свој грб би тргнала 10.000 државни службеници- свештеници и тоа навидум изгледа прифатливо и за двете страни.

Притоа, важно е да се знае дека станува збор за Грчката црква која нема јуриздикција на пример во северна Грција (Македонија), Додеканезите или на Крит, каде правно црковните прашања се под јуриздикција на Цариградската патријаршија и така е од 1913 година. Но, ако се знае колкаво е влијанието на Атина кај Цариград, јасно е дека зборуваме за извесни финеси во однос на црковното прашање и црковниот имот.

Што се однесува до црковниот имот, пак, се предвидува формирање ба специјален Црковен развоен фонд за имотот. И Ципрас овој договор го нарече „историски“ и според него годишно црквата би добивала одреден сума во форма на субвенција. Во наредниот период Црквата и Државата ќе треба да го утврдат целиот црковен имот.

Бидејќи тој договор е поддржан и од Синодот, сега преостанува да се почне процсот на уставните измени, поточно на членот3. Грчката црква стои на позиции дека прифаќа германски модел на верска неутралност, иако има многу противречени мислења што конкретно се подразбира под тој термин „неутралност“.

Владиката Амбрзозиј жестоко го критикуваше договорот и го нарече трагедија

Светата унија на свештениците на Грција се огласи со соопштение во кое навестува „битка за зачувување на договорната обврска за плаќање на светото свештенство“, што ќе рече е против тоа зад кои стои Синодот.

„Нашата реакција ќе биде масовна и невидена во грчката историја. Секој обичен поп од Крит до Еврос, од јонските острови до Додеканезите, ќе се крене и ќе застане зад нашата битка за зачувување не само на законите, туку и на традиционалното грчко православие“.

Јасно е дека грчкото свештенство е поделено, но веројатно е јасно каков ќе биде исходот – зашто ќе биде тешко обичните попови да ги победат владиците кои се во пакт со државата. А, и парите се под нивна контрола. Но, јасно е дека владата на Ципрас и на Сириза, а веројатно заедно со екс-министерот Никос Коѕијас, добро ги планирале претходните потези – договор со Македонија за името, со што практично ги затвора сите прашања, па и црковното, ширењето на море (допрва претстои битката со Турција), договорот за поморската граница со Албанија. Веројатно Кипар ќе остане и натаму како замрзнато прашање, иако Коѕијас и таму се обиде да го протне преспанскиот шнит, но кај Турците тоа не проаѓа.

Македонија, „северна“ или „фиромизирана“ само пасивно посматра како други елегантно го решаваат прашањето за наследството, во конкретниот случај за христијанското и за црковното, во кое има не само интереси и влијание (видовме како поминаа Русите со Украинската афтокефалија, која им е наместена од Атињаните) туку и огромен имот.