Грчки медиум информира за тајни преговори меѓу грчкиот премиер Алексис Ципрас и турскиот претседател Реџеп Ердоган за обединување на Кипар и за енергетски проекти. Владата во Атина ниту ја потврдува, ниту ја демантира информацијата на „Естија“.

Според медиумот, кој се повикува на дипломатски извори, Ципрас и предложил на Анкара, турската војска да се повлече од окупираниот дел на островот и Турција да прифати создавање на кипарска федерација.  За зачувување на мирот во северниот, турски дел на Кипар, Атина предлага да се постави војска на НАТО.

Во замена за ова, на Турција би и било дозволено да учествува во истражувањата на нафта и гас во источниот дел на Средоземното Море. Како Анкара, така и Никозија имаат претензии врз јурисдикцијата на тој регион за кој се смета дека е богат со резерви.

Честите тристрани средби на високо ниво меѓу Кипар, Грција и Израел говорат за енергетска соработка, што ја исклучува Турција.

Грчкиот медиум коментира дека предлогот на Ципрас е веројатно дел од план создаден од Европската унија и САД.