Благодарам Скопје, благодарам Македонијо. Можеби требаше да го кажам новото име, но некои работи се менуваат на хартија, а за мене Македонија останува Македонија.

Вака пред некој ден хрватската музичка поп ѕвезда Петар Грашо по којзнае кој пат ги освои срцата на скопјани и на Македонците. И тао беше доволен повод да се споменат уште безброј други имиња, што ја отсликуваат блискоста меѓу македонскиот и хрватскиот народ, на пример, како Тарик Филиповиќ, Горан Калоѓера, Маријана Петир…

Без никакви претензии да се става некаков знак на еднаквост, уште помалку да се алудира на некакви национални или идеолошки примеси, веројатно малкумина, а кај младите ретко кој знае или може да се присетат дека токму во овој период од годината, во декември, пред точно 72 години, во Скопје заврши со пресуди судскиот процес против уапсените македонски студенти, членови на Македонската младинска тајна револуционерна организација.  И овој судски процес има белези на македонско-хрватска поврзаност. Прво, зашто првата група студенти била уапсена во Загреб и второ, зашто како адвокат на обвинетите се јавува д-р Анте Павелиќ, подоцна лидер на Независна држава Хрватска, контроверзна личност околу која и ден денес се водат полемики за неговата улога во хрватската историја, а шпанските власти настојуваат неговите мошти од Шпанија да бидат префрлени во Хрватска. Ова особено по пренесувањето на моштите на генералисимусот Франциско Франко од мавзолејот во семејна гробница.

Завршните зборови на д-р Анте Павелиќ на судскиот процес во Скопје ги пренеле голем дел тогашни медиуми, но особено впечатлив наслов имал весникот „Хрват“ од 9 декември 1927 година-„Голем одбранбен говор на д-р Анте Павелиќ“. Дел од написите, пак, се наоѓаат и во изданието на Државниот архив, „Македонија во странскиот печат“.

Но, еве како известувал „Хрват“ за настапот на адвокатот д-р Павелиќ:

„Денеска беше завршена расправата против македонските студенти. По другите бранители, народниот претставник д-р Анте Павелиќ рече дека на послушност спрема државата не се тера со сила, ниту со велепредавнички процеси, туку на друг начин.

Во овој процес судот не може да суди врз основа на признанија пред полицијата, зашто тие признанија се изнудени. Македонците робувале 500 години и нивниот народ постојано копнеел за ослободување. По војната, Македонија е поделена на четири државни сфери, па според тоа никнуваат друштва и здруженија коишто би сакале да ги спојат сите тие делови заедно. Разбирливо е што кога на тие луѓе не им било дозволено јавно да го кажат своето мислење се создале тајни друштва. Смешно е да им се префрла на овие момчиња дека нивната организација се обидела насила да ја отргне Македонија од државната територија. На народот и на татковината ќе им бидат потребни и нивните умствени способности.

Говорот на д-р Павелиќ беше сослушан со големо внимание. Пресудата ќе падне во сабота во 10 часот претпладне“.

ММТРО била создадена во март 1922 година во Загреб од петмина Македонци од Вардарска Македонија, студенти на Универзитетот во Загреб, на чело со Иван Бојаџиев од Велес. Нејзиниот устав бил одобрен и потпишан од тогашниот водач на ВМРО, Тодор Александров.

Во мај 1927 година доаѓа до голема провала. Според Иван Катарџиев, таа била извршена по наредба на Иван Ванчо Михајлов. Прв, на 29 мај, бил уапсен Димитар Ѓузелов. Судењето започнало на 15 ноември, а пресудите биле изречени на 10 декември 1927 година.

Од вкупно уапсените 20 студенти, деветмина биле осудени на затворски казни, а 11-мина биле ослободени.

Димитар Ѓузелов од Дојран и Иван Шопов од Гевгелија на по 20 години строг затвор, Димитар Нацев од Струмица на 15, Димитар Чкатров од Прилеп на 10 години. На петмина од нив – Харалампие Фукаров, студент на Машински факултет во Белград, Тодор Гичев од Штип, Борис Андреев од Велес, Штерјо Баздов од Крушево и Борис Светиев од Битола им е изречена казна од по пет години затвор. Другите единаесетмина: Петар Хаџипанзов, Георги Хаџиманов, двајцата од Велес, Јордан Сапунџиев од Дојран, Кирил Вангелов, Христо Хаџикимов, Благој Манев, Тодор Христов, Страхил Иванов, Кирил Караџов, сите од Штип, биле ослободени.

Сите 20-мина животните врвици ќе ги однесат во различни правци, ќе доживеат различни судбини, но некои имиња и ден денес се предмет на различни историски, национални, политички и идеолошки истражувања.