Солзавец фрлен од полицијата, камења фрлани врз полицијата, една жена повредена… е билансот на синоќешните протести на опозицијата одржани во Тирана. Протестите траеле три часа, а се завршиле откако по завршувањето на собраниската седница пратениците од опозицијата си заминале, а по нив и демонстрантите.

Лидерот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша, рече дека премиерот Еди Рама „е криминалец кој употребува насилство врз граѓаните“.

Ќе бидеме овде до крајот. Ќе ја победиме криминалната банда која Албанија ја зеде за заложник. Ви благодарам за овој величествен протест организиран за само неколку часа. Денес ние немаме ниту влада ниту полиција“, рече Баша.

За време на протестите една жена паднала во несвест како резултат на изложеност на солзавец, додека еден маж лежел повреден на улица, најверојатно и тој со последици од солзавецот. Полицијата во неколку наврати употребила солзавец. Во еден момент протестите одржани пред парламентот ескалирале кога тие се обиделе да го пробијат полицискиот кордон со план да влезат во административниот дел на собранието, но полицијата ги спречила во тоа. Дел од демонстрантите фрлале со камења, палеле гуми и фрлале димни бомби.