Има огромен степен на субјективизам околу издавањето на уверенијата за бугарско потекло, призна в.д. претседателот на Агенцијата за Бугарите во странство, Димитар Владимиров, за време на вчерашната дискусија во парламентарната ресорна комисија, пишува софиски „Капитал“.

Владимиров е единствениот од раководната структура во Агенцијата, по акцијата на обвинителството во која беа уапсени претседателот Петар Харалампиев и главниот секретар Красимир Томов заради злоупотреба на положбата и земање мито за издавање уверенија за добивање бугарско државјанство и пасоши. Тој го поддржува предлогот, доколку Агенцијата биде затворена, нејзините надлежности да преминат во новоформирано министерство за Бугарите во странство.

Според Владимиров, има разијдување меѓу Агенцијата, Министерството за правда и вицепретседателот на државата (кој на крајот го издава уверението) во сфаќањата врз основа на што треба да се добива уверението за потекло. Најчесто, тоа се издава од организации на Бугарите во странство, признаени од Агенцијата, или пак документи издадени од црковни општини, но и докажани роднински врски со бугарски граѓани. Тој додава дека Законот за Бугарите зад границата, донесен пред 18 години и „без ниту една исправка„, е „несоодветен за денешната реалност“.

Од 2010 година, кога Агенцијата за прв пат ја добива задачата, па досега се разгледани документи на 126.000 луѓе, а се издадени 200.000 уверенија за потекло-за да добијат бугарско државјанство или решение за постојан престој во земјата. Во истиот период, пак, организациите на Бугарите зад границите пораснале од 250 на 1.000.

Од дебатата, меѓутоа, остана нејасно од која институција треба да дојде иницијативата за законско регулирање на проблемите и врз која основа треба да се издаваат уверенијата-дали врз територијална или роднинска.