25.04.2019 / 10:00

Таравари: ДУИ не може да извади повеќе гласачи, освен ако не им се дозволи 200 луѓе да гласаат за еден час како на референдумот

ДУИ нема да успее да обезбеди повеќе гласови во вториот круг од претседателските избори, а СДСМ ќе доживее фијаско на следните парламентарни избори, смета генералниот секретар на Алијаса за Албанците, Арбен Таравари.  Во интервју за Пресинг ТВ тој вели дека разочараноста кај граѓаните е голема и дека затоа излезноста била ниска, а владејачката коалиција изгубила голем број гласови во првиот круг. Останува на ставот дека нема да има политички пазар за гласовите кои ги доби Блерим Река и дека гласачите треба да одлучат по сопствено убедување кого ќе поддржат. Доколку има предвремени парламентарни избори Таравари остава простор за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ.

„И СДСМ и ДУИ ги казнија гласачите Албанци. На парламентарните Заев доби 50 000 до 60 00 Албанци гласачи. Сега заедно СДСМ, ДУИ и сателите околу ДУИ што се ситни албански партии не добија 40 000 гласови. Заев кажа дека е најпопуларен политичар меѓу Албанците, а сега излезе дека Блерим Река доби два пати повеќе гласови од Заев. Река заедно со Касами и Села.  По трендот по кој се оди со секојдневни афери, со непотизам, со разно разни однесувања кои асоцираат на стариот режим, СДСМ ќе има фијаско и дебакл на следните избори. Сега ако овие бројки од првиот круг ги гледаме како резултати на парламентарни би биле 54 пратеници само ВМРО-ДПМНЕ, 54 пратеници СДСМ со сите партии и 12 Алијанса и БЕСА“, вели Таравари.

Во однос на можно коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ вели:

„Јас се надевам дека новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ ќе почне да рефлектира поинаку, да покаже дека остава простор за соработка и со партии кои се од други етнички заедници, а посебно од албанската. И требаат реформи на ВМРО-ДПМНЕ, иако најголемиот дел од компромитираните политичари сега се кај СДСМ. Полека ВМРО се реформира. Само треба да покаже дека комплетно се дистанцира од почесниот претседател“, истакна Таравари.

Скептик е дека ќе се постигне цензусот во вториот круг од претседателските избори.

„Не очекувам да има цензус. Би сакал да има успешни избори и да избереме претседател. Кај Албанците мотивираноста се покажа каква е. Сега ќе направат напори ДУИ, оти бројките им се катастрофални. Нема да успеат ништо повеќе, дури и помалку ќе имаат, освен ако им дадат да гласаат брзо како за референдумот во Зајас за еден час 200 луѓе, тогаш ќе има поголем број“, вели Таравари.

Дали Алијанса за Албанците и БЕСА, партиите кои што го поддржаа Блерим Река кој освои околу 80 000 гласови, отворено ќе дадат поддршка за еден од двајцата кандидати кои влегоа во втор круг, Таравари одговара:

„Ние гласачите не ги третираме како другите албански партии, како наша своина и дека ние како ќе кажеме така ќе гласаат. Ние ги сметаме како наши партнери. Ние не планираме да се пазариме со било кого. Конечен став нема. Набргу ќе има и партиски ставови. Но доста е веќе од парзарење и да ги тераме луѓето на сила да гласаат. Да ги оставиме сами како мислат така да гласаат“, потенцира Таравари.

 

 

 

 

 

Најнови видеа