Ветер со брзина од над 95 километри на час го зафати скопскиот, но и источниот дел од земјава.
Од УХМР информираат дека силен ветер од северен правец ќе дува до крајот на денот. На моменти ќе надмине и над 95 километри на час.
Ветерот ќе продолжи да дува и во текот на утрешниот ден, но со посмален интензитет.
Врнежи од дожд, како што информираат од УХМР, нема да има.
Инаку според европскиот Метео аларм, поголемиот дел од нашата земја се наоѓа во жолта предупредувачка фаза за силен ветер, додека за Повардарјето е издаден портокалов аларм, што значи ќе има многу силен ветер кој може да предизвика штети.
Од вторник времето ќе биде претежно сончево, но ветровито со силен северен ветер, како и значително постудено. Дневната температура во поголем дел од земјава ќе се намали за околу 10, а на места и за 15 степени. Од среда наутро осетно опаѓање ќе има и кај утринската температура, која на места ќе се спушти и околу нулата. Постепено затоплување ќе има кон крајот на неделата.