Горан Милевски, на последниот партиски конгрес беше реизбран за лидер на ЛДП со голема доверба од делегатите. Кога ја наследив партијата сметката беше блокирана, со депресија во членството, а сега ја вративме партијата во кондиција, како и членството во АЛДЕ, групата на либералите во Европскиот парламент како и во Либералната интернационала, вели во интрвјуто за Пресинг ТВ Милевски.
Тој истакнува дека после 11 години ЛДП се вратила на власт.
Сметам дека со очекуваната промена на Уставот и поканата за членството во НАТО иднината на државата и на граѓаните ќе биде зацврстена. Ова особено затоа што се очекува разврска со Србија и Косово, се најавува дека тоа ќе биде преку размена на територии, па затоа треба да ја обезбедиме државата да не биде дел од поголеми балкански сметки – вели тој.
Милевски истакнува задоволство затоа што ЛДП е дел од тој процес, „но после јануари треба да се насочиме на нашите проблеми дома…како партија мора да дадеме либерален одговор на сите проблеми, кој мора да биде различен и од социјалдемократскиот и од демохристијанскиот“, додава лидерот на либералдемократите.
Нашиот став е да се прифати Договорот со Грција, со тоа што треба да се води сметка во натамошната имплементација да се зачуваат и штитат македонските национални интереси, зашто овој договор е рамка. Македонската дипломатија и власт, која и да е, мора да ги штити македонските национални интереси, а поддршката ја дадовме под овие услови – истакнува Милевски.
Дали тоа што пратеничката Никица Корубин објави дека ќе дејствува како независна значи осипување на партијата, дали има интерес за нивното барање за нов изборен модел, зошто ЛДП не учествуваше во предлагање амандмани на Уставот, и зошто Горан Милевски не гласаше за Законот за амнестија, се темите во интервјуто за Пресинг ТВ.