Павле Богоeвски: Ги сфаќам реакциите од јавноста, но верувам ќе се види дека чекорот што е направен е исплатлив

„Очекувано“. Вака пратеникот и еден од предлагачите на Законот за амнестија за 27 април, Павле Богоевски ги коментира реакциите и критиките упатени кон него по изгласувањето на законското решение.

Во интервју за Пресинг Тв тој вели дека законот за амнестија е внимателно и прецизно утврдување на тоа чии постапки од 27 април можат да потпаднат под капата на процесот што е наречен помирување, а за чии постапки не може да има простување и не може да има ослободување од одговорност. Целта на процесот е отворање на вратите на евроатланските процеси, потенцира Богоевски.

„Ги сфаќам реакциите од јавноста и не очекував поинакви реакции. Ама исто така верувам дека како што ќе помине времето, ќе се види дека чекорот што е направен е исплатлив во поглед на нашите стратешки интереси“ , вели Богоевски.

Тој потенцира Законот за амнестија е плод на работата на Телото за помирување.

„Телото за помирување и работата беше барање на осумината пратеници кои што ја дадоа поддршката за уставни измени. Дали ќе го употребите зборот пазар, дали ќе го употребите зборот политички преговори тоа е. Нема заобиколување на вистината. Осумте луѓе кога одлучија да гласаат за Уставот имаа барања кои ги објавија во медиумите. Тоа беше доаѓање до заедничка средина со цел Република Македонија да стане членка на ЕУ и НАТО“, додава Богоевски.

 

 

Најнови видеа