Николоски: На ВМРО-ДПМНЕ му треба претседателски кандидат кој ќе ја обедини десницата, неопределените и разочараните

Истече рокот за пријавување кандидатури за претседател во ВМРО ДПМНЕ. Најдоцна до 5 февруари ќе се знае кој се се’ пријавил на јавниот оглас за претседателски кандидат. Потпретседателот на партијата, Aлександар Николоски во интервју за Пресинг Тв не сакаше да открие дали меѓу пријавените и е професорката Гордана Силјановска.

„За мене суштински е ВМРО-ДПМНЕ да победи на следните претседателски избори, се надевам заедно со предвремени парламентарни и во таа смисла ВМРО-ДПМНЕ мора да се шири и да обединува што повеќе категории и што повеќе луѓе, не  е доволно поддршка да даде само партиската база и само партиските членови, мора да ги привлечеме и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ  , сите оние кои се со центар десна, десна и конзервативна ориентација, неопределените и оние разочараните од владеењето на СДСМ. Според мене профилот за претседателски кандидат од ВМРО-ДПМНЕ треба да е личност која ќе ги обедини сите овие структури и ВМРО-ДПМНЕ да победи на претседателските избори и Македонија да има претседател предложен  од ВМРО-ДПМНЕ, зошто гледаме дека оваа власт тотално забега и  ако нема контрола барем од институцијата претседател на државата, тогаш не знам во кој правец ќе оди државата“.

Во однос на повиците за бојкот на претседателските избори  од поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, Николоски вели дека почитува мислење на секого, но убеден е дека неговата партија ќе победи на претседателските избори.

„Мојот став и на партијата е дека ќе победиме на претседателските избори, кои би требало да се одржат заедно со предвремените парламентарни и ја повикуваме власта што поскоро  иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за распуштање на Собранието да ја стави на дневен ред“.

На иницијативата од ВМРО-ДПМНЕ не се потпишаа тројца пратеници –  Илија Димовски, Даниела Рангелова и Крсто Јовановски. Која е причината за тоа, Николоски одговара:

„Не сум разговарал со нив тројца, но сите ќе гласаат за распуштање на Собранието и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е единствена дека треба да се одржат предвремени парламентарни“.

Николовски во интервјуто најави дека тој и лидерот на партијата, Христијан Мицкоски патуваат за Брисел каде  Европската народна партија ќе одржи политичко собрание. На тамошните средби ќе ги презентираат нивните аргументи зошто на Македонија и се потребни предвремени парламентарни избори, зошто законот за јазици е неуставен, зошто преспанскиот договор е неприменлив и спротивен на интересите на македонскиот народ и зошто очекуваат победа на претседателските избори.

 

Најнови видеа