Европа нема единствена политика во однос на миграциските предизвици, вели во интервјуто за ПресингТВ, професорот на Факултетот за безбедност на УКИМ, Трпе Стојановски. Тој вели дека и 2015 година покажа дека Балканот е „мекиот стомак на Европа“, а Македонија добро реагирала во услови на бегалска криза.

Во однос на механизмите за превенција, Стојановски вели дека еден од нив е мисијата на ФРОНТЕКС за заштита на надворешните граници на Унијата, како и тоа дека Македонија го подготвила договорот со ФРОНТЕКС и тој наскоро, најверојатно на почетокот на наредната година, ќе се потпише.

„Во моментов во РМ околу 120 полициски службеници од седум земји работат на превенција и откривање нелегални мигранти“, вели Стојановски и притоа предлага особена внимателност на секој детаљ кога ќе се потпишува договорот со ФРОНТЕКС, зашто, сепак, станува збор за странски полицајци кои ќе треба да бидат контролирани.