12.06.2019 / 15:07

Бучковски: Би било големо изненадување ако Заев добие ветување од Меркел за датум во јули

„Би било големо изненадување ако нашиот премиер добие ветување од канцеларката Меркел дека во јули би можеле да добиеме датум за преговори. Максимално што очекувам да се добие уверување од канцеларката Меркел дека на јунскиот или јулскиот самит ќе има условно речено квалификација дека во октомври Македонија треба да знае кога ќе почнат преговорите“, вели во интервју за Пресинг ТВ, поранешниот премиер Владо Бучковски.

Во однос на изјавите од премиерот Заев ако ЕУ не испорача датум за почеток на преговорите дека тоа може да поттикне враќање на националистичките структури, Бучковски вели:

„Изјавата дадена од премиерот  пред десетина дена во Брисел не оди во правец на обединување на власта и опозицијата околу европските интеграции. И мислам дека и европските лидери не подлегнуваат на такви условно речено „закани“, дека ако ние не го добиеме сега датумот ќе дојдат националистите. Јас го гледам во поширок контектст, ќе биде охрабрен национализмот воопшто во овој дел од Европа, во Западен Балкан. Ова што треба да се реши позитивно за Македонија, ќе биде позитивен сигнал за Белград и Приштина да го решат проблемот“.

Во пресрет на средбата со германската канцеларка Ангела Меркел, премиерот Заев ги остави отворени сите опции-од враќaње на мандатот, предвремени избори, реконструкција на владата, па и друг мандатар.

„Сега има една шаховска игра меѓу власта и опозицијата. Заев очигледно е свесен дека брзи избори му одговараат повеќе нему. Од друга страна, Мицкоски е свесен дека ако издржи до редовниот термин оваа владејачка коалиција, ќе му бидат поголеми шансите тој да биде мандатар за формирање на идната влада. Така што, мислам дека ќе се најдат во средина. Не очекувам дека ќе имаме избори во редовниот термин, но од друга страна не очекувам ни брзи избори, а предвремени избори секако ќе имаме“, вели Бучковски.

Во разговорот проф. Бучковски говори за очекувањата од средбите на претседателот Стево Пендаровски во Брисел и на премиерот Заев во Берлин, што ќе значи (не)добивањето датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ, почитувањето и спроведувањето на договорите со Грција и Бугарија…

 

Најнови видеа