Се случува реприза од настаните кога се гласаа уставниците измени, а притисокот врз пратениците повторно е на сцена во очи на гласањето во Собранието на законот за јавно обвинителство.

Повеќе политички партии брифираат дека притисоците врз пратениците и трговијата со гласовите се случува само десетина часа откако лидерот на СДСМ Зоран Заев изјави дека до раните утрински часови правел консултации за да обезбеди 80 пратеници за усвојување на новиот закон за Јавно Обвинителство.

Како што дознаваме, слично како и кога се гласаа уставните измени во игра се и ветувања за милионски суми за пратеници кои ќе го дадат својот глас за новиот закон за ЈО. Во случај да одбијат, за дел од пратениците во игра се и закани дека може да одговараат за тешки кривични дела. Вакво нешто слично се случуваше кога се гласаше промената на уставното име на државата.

Во трговијата се вклучени и други бенефиции како вработувања за блиски луѓе на тие што ќе гласаат, но и ветувања за добивање тендери за фирми блиски на пратениците.

Иако и евроамбасадорот Жбогар и францускиот амбасадор Тимоние предходно изјавија дека законот не е приоритет и дека може да се донесе и после изборите, СДСМ прави напор истиот да се донесе пред вторник кога се очекува претседателот на Собранието Талат Џафери да го распушти Парламентот.

Според повеќе независни експерти законот кој го нуди СДСМ е против основните постулати на уставниот систем, а на јавната дебата беше укажано на сериозни грешки во најмалку 55 члена од вкупно 111 членови на текстот.

Со законот СДСМ обезбедува речиси ист систем како тој во пропаднатото СЈО кое треба да го водат обвинители блиски на Заев. Во старото СЈО немаше ниту еден предмет против кадри на СДСМ и ДУИ а беа гонети само функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

Со предлогот на СДСМ шефица на новото СЈО се очекува да биде Вилма Русковска која во јуни беше промовирана како наследник на уапсената Катица Јанева на предлог на Заев.

Очекувањата на повеќе извори во СДСМ се дека со законот ќе може да се контролираат истрагите кон високи функционери на СДСМ кои по смената на власта во април ќе бидат предмет на интерес на обвинителството за сторен криминал и висока корупција.