Премиерот Зоран Заев придружуван од министерот за економија, Крешник Бектеши, вчера, во Иловица во организација на општина Босилово и градоначалникот, Зоран Зимбаков одржа средба со граѓани од населените места Иловица и Штука.

„Одржавме досега неколку средби со претставниците на компанијата „Евромакс ресурсис“ кои што се добитници на Договор за експлоатација, а немаат дозвола за експлоатација, со претставниците на граѓанските здруженија, но ветивме и со граѓаните дека ќе дојдеме да се информираме, да ги слушнеме, да научиме од нив, но и ние да ги пренесеме информациите кои што ги имаме. Се работи за значајни одлуки, кои што ќе влијаат на иднината секако на овој микрорегион Иловица, Штука, на Општина Босилово, Општина Ново Село, кој на целиот Струмички регион, веројатно и на Република Македонија. Заради тоа, се обидуваме да изнедриме најпаметни одлуки, согласно законите во Република Македонија, со кои што никогаш нема да се каеме, а сепак ќе овозможиме иднина на развојот и на државата, но пред се и на овој регион од кој и јас потекнувам. Денеска, немаме намера овде да носиме некои заклучоци како што реков информативна е седницата. Поради тоа, верувам дека тоа ќе помогне и на Владата, но ќе им помогне и на граѓаните за полесно да ги разбереме работите. Доволно се секаков вид на шпекулации, кои што ги има пред се по социјалните мрежи најповеќе, но и дел од нашите медиуми пренесуваат секаков вид на информации. Убаво е, граѓаните да знаат за било која работа се, посебно за вака чувствителни работи. Уште еднаш потенцирам, нема позначаен приоритет за нас како Влада, верувам и за било која Влада, од здравјето на граѓаните, од перспективите на овој регион, од традицијата која што ја имаат нашите граѓани, но секако и желбата да децата останат овде да живеат овде, да чекаме деца од нашите деца, внуци. Така да, верувам дека денеска ќе имаме плодна средба на која што ќе излеземе попаметни и ние од Владата, но и граѓаните од Иловица и Штука“, изјави премиерот Заев.