Кога станува збор за повеќепартиски систем, вакви чистки, ако успешно се спроведат, се неопходни, вели за Пресинг Тв, долгогодишниот искусен политичар, Стојан Андов.

Пресинг Тв побара негово размислување во врска со последните кадровски промени во владејачкиот СДСМ, што има сериозни признаци и на партиска чистка каква досега не се памети. СДСМ ги смени претседателите на општинските комитети, попретседателите на партијата, целиот Ивршен одбор, а следуваат и промени на министерските позиции.

Барајќи пример во минатото, Андов потсетува на три моменти или чистки во СКМ, чиј политички наследник е СДСМ. Првата чистка, вели тој, беше Информбиро , но тоа беше борба за опстанок на независноста на Југославија. Втората беше резултат на Брионскиот пленум, по што голем број на вработени беа принудени да ја напуштат УДБА и третата е од периодот 1972/74 година по седницата на ЦК СКЈ во Караѓорѓево, по што следуваше расчистување со хрватскиот МАСПОК и либералите во ју-републиките. Но, се ова беше во периодот на едноумието.

Вакво нешто требаше да направи ВМРО-ДПМНЕ по настаните од 27 април 2017 година, што ќе придонесеше за внатрепартиско прочистување, развој на партијата, но и натамошна демократизација на општеството и државата. За жал, тие не го сторија тоа. Инаку, чистки во политичките партии се неопходни, зашто нашите партии, и едните и другите, немаат долга демократска традиција, туку потекнуваат и се базираат на револуционерни основи, нагласува Андов.

По првиот круг од претседателските избори, според него, премиерот Заев се соочува со многу комплексна ситуација, зашто гласачкото тело му покажа дека останале исти навики и начин на однесување на власта како тие на претходната, што лично не го сведува на некаков колапс на политиките на власта.

Имаше неколку ситуации во кои во Собранието беа неопходни 80 гласови. И доколку тие станеа 90, 100, па и повеќе, тогаш немаше да има потреба од ваков потег. Очигледно, Заев покажува храброст. И сега, ако овие потези не дадат резултати, зашто секогаш во заднина постојат разно-разни клановски игри, тогаш ќе биде лошо и за него и за партијата. Но, ако дадат позитивни резултати, за што се надевам, тоа ќе се рефлектира со елиминирање на непотизмот и други негативните појави, што во крајна линија позитивно ќе се одрази на развојот на демократските процеси во државата, дециден е Андов.

Поранешен висок партиски функционер на СДСМ, пак, вели дека не се сеќава на волку широки промени во една партија, освен можеби по некој конгрес во минатото. Но, ваквиот потег, според него, покажува дека без внатрепартиска демократија не може да има и демократија во општеството. Смените во партиското раководство треба да се пример за да сфатат луѓето дека Заев има сериозни намери. Со ова тој добива политички кредибилитет за натамошните постапки од аспект на неопходни реформи и демократизација во општеството.

За Љупчо Палевски, исто така поранешен висок партиски функционер, случувањата во СДС од овој викенд се уште една, како што вели, новина и технологија на владеење на Заев. Вакво брутално одлучување, со разрешување на целиот ИО со неговите потпретседатели, СДС нема забележано во својата историја, сметајќи го и СКМ-ПДП и пред него СКМ, а мотивите за ваквата одлука се најверојатно големи и радикални случувања во блиска иднина.

Но, пред се, ова масовно и комплетно разрешување, вклучително и на генералниот секретар на партијата, покажува дека статутарните измени направени на последните неколку конгреси на партијата на чело со Заев, ја имаат претворено во тоталитарна политичка збирштина каде нема трунка идеологија и политика. СДС статутарно е претворена во класична структура, војска која слуша, а не партија која води политика, нагласува  Палевски.

Со промената на сите 80-тина претседатели на општински организации, според него, се заокружува политичката моќ на Заев, која сега во целост ќе биде негова. Очигледно е, додава, дека тој намера да ја дели со никого, најмалку со БЦ и Радмила Шеќеринска. До овие измени, во поголемиот дел од општинските организации кадровските решенија беа на Шекеринска. Делегатите на Конгресот на СДС како највисоко тело на партијата од претходното мнозинство беа негови делегати, кои сега за сега се „безбедни“, не променети.

Дефинитивно, по претседателските избори ќе има два крупни маневри во државава за кои на Заев му е потребна силна поддршка, а тоа се следните-востепента локална самоуправа, дополнителната децентрализација (кантонизација), и тоа мора веднаш да се реализира како цена за консензуалниот претседател Пендаровски, но и како потреба логична по Законот за употреба на јазиците, вели Палевски.

За да може да се имплементираат овие „федерални“ системски промени, Закон за јазици и кантонизација, според него, ќе се пристапи кон политичко спојување на ДУИ и СДС во една партија, што е стратешка намера на Заев која многу често ја потенцира во изминативе две години во форма на изјави со кои тврди дека СДС е најголема албанска партија. За Палевски, тоа е менување не само на политичкиот, туку на комплетниот модел, систем на државата, без консензус на сите граѓани, не само партии, без директна демократија, изјаснување, без референдум. Едноставно како и се досега, додава тој, ќе се имплементира, со некакви меѓународни изјави и бесполезни медиумски дебати.

Народот повторно ќе биде изигран, па токму затоа на Заев му се потребни овие хокеарски измени внатре во единствениот легитимитет, што го поседува, за да може да владее, а тоа е СДС. Парламентот од поодамна е октроирана бројка на луѓе кои гласаат. Со оваа политичка одлука СДС е бетер, нагласува Палевски.