Судското рочиште за книгата „До атентатот и по него“ на поранешниот претседател на Собранието на РМ,Стојан Андов, е одложено за 1 октомври годинава.

На денешното рочиште во Основниот суд Скопје-2, застапникот на тужителот, професорот Љубомир Фрчкоски, доставил поднесок, што одбарана на Андов не го имала претходно добиено, па затоа и е оставен временски простор да го разгледа. На рочиштето на 1 октомври ќе се одлучува и по времената мерка за забрана на книгата, а дотогаш таа ќе може слободно да се продава.

Неколку месеци по објавувањето на книгата „До атентатот и по него“, професорот Фрчкоски поднесе тужба против авторот Андов за содржани клевети, што имплицираат негова вмешаност во атентатот врз првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров. Основниот суд Скопје-2 потоа донесе времена мерка за забрана на продажбата на книгата.

Адвокатката на Фрчкоски, Ирена Фрчкоска, во изјава за медиумите потврди дека судот донел вакво решение, и изрекол забрана за понатамошна продажба и располагање со спорната книга на Андов, по поднесена тужба за содржани клевети кон тужителот, како и предлог за времена мерка.

Имено, книгата содржи шокантно клеветничка содржина, од најексплицитен вид досега напишана, со која е извршена тешка повреда на личните права на тужителот, повреда на неговиот чест и углед како граѓанин. Сметаме дека штетата е веќе направена со самото објавување на книгата, нејзино пренесување и промовирање во јавноста, но на овој начин тужителот ќе добие морална сатисфакција, за делумно да се намали нанесената штета.

Ова е прва одлука кај нас со која се забранува понатамошна продажба и користење на книгата и само ваква одлука во конкретниот случај е правилна и сосема основана и има за цел да ги намали последиците кои настанаа од нејзиното објавување – вели таа.

Малку подоцна Апелациониот суд ја укина времената мерка на Основниот суд Скопје-2 за забрана на продажбата на книгата „До атентатот и по него“ .

Адвокатот на Андов, Звонко Давидовиќ, тогаш изјави дека одлуката на првостепениот суд да ја забрани книгата е прејудицирање на пресудата. Тој објасни дека Фрчкоски не е наклеветен, бидејќи, како што изјави, Андов пишувал за пропустите во истрагата во тоа време, а тврдењето, додаде, го поткрепува со факти и со дадени изјави.