Премиерот Зоран Заев и на денешната прес-конференција рече дека неговиот оптимизам во врска со спорот со Бугарија се должи на тоа што се прави се за да се најде решение, но истовремено и порача дека има работи за кои не се преговара никаде во светот, па нема да се преговара ниту тука.

„Преку оптимизам испраќаме порака дека правиме сè за да постигнеме решение, јас сум истиот тој што пред месец дена на празникот 11 Октомври го запознав народот дека е можно да немаме решение односно дека е можно да не се одржи првата меѓувладина конференција помеѓу Северна Македонија и ЕУ. Правиме напори до последен момент, ќе дадеме сè што може од наша страна како енергија, памет и мудрост, но знаете дека има работи за кои никаде во светот не се преговара. Тоа го сфаќа и бугарската страна, сфаќа дека нашиот идентитет и нашиот македонски јазик се наше чувство и право, државите не преговараат за оваа работа. Ние продолжуваме да изнаоѓаме решение кое секако би било прифатливо за двете страни, но дефинитивно стојам и денеска на тоа дека постои можност да не добиеме прва меѓувладина конференција со ЕУ“, рече Заев.