Премиерот Зоран Заев денеска манифестираше необична смисла за хумор, но и елементарно непознавање за вакцините против Ковид-19. И се ќе беше во ред ако со тоа не си поигруваше со чувствата на граѓаните и нивното здравје во обид да го скрие срамот од неспособноста на целата Влада самостојно да набави барем една вакцина, како и да го избегне бојкотот на пописот, што насилнички и надвор од здравиот разум го тера во време на пандемија, особено пред средбата со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Министерот за здравство, Венко Филипче, вчера соопшти дека Македонија на 28 март ќе ги добие првите 24.000 вакцини АстраЗенека од Ковакс програмата.

За Заев било добро, зашто неколкумесечното заостанување во имунизацијата на населението било можност да се увериме дека сите вакцини биле добри! Овој повеќе црн, отколку вистинско чувство за хумор на премиерот, ја чини Република Македонија стотици изгубени човечки животи и илјадници новозаболени граѓани од корона вирусот и тоа во периодот од пред оваа 2021 година, кога почна вакцинацијата во светот, па до денес.

Ова од една страна, а од друга, пак, премиерот Заев најавува експресно вакцинирање на попишувачите, кои се ангажирани за пописот. Според него, тие ќе влезат во приоритетната група за имунизирање, со што ќе биде исполнето барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, за спроведување на статистичката операција.

-Информацијата ја знаевме два -три дена пред да објавиме, тоа е првиот чекор на масовната имунизација, се прима една доза, овие денови и другите количини ќе пристигнат по други механизми за рамноправно покривање на теренот, изјави Заев.

Но, Заев не знае или никој не му кажал дека вакцината АстраЗенека не се прима во една, туку во две дози. Ревакцинацијата се прави 12 недели по првото вакцинирање. Што значи дека попишувачите нема да бидат покриени целосно за време на пописот, зашто тој ќе заврши два ипол месеци пред да ја добијат втората доза! Оттука, неговото излегување во пресрет на барањата на Мицкоски паѓаат во вода и претставува обид за манипулација со јавноста.

А, којзнае, можеби за Заев во меѓувреме измислиле некоја нова вакцина АстраЗенека, што се прима само во една доза, а за која до сега не знае никој жив на светот!?