Како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ бараме пописот да се одложи за септември, а во таа насока Собранието да закаже итна седница за да може да се интервенира во законот за самото одлагање, рече на денешната прес-конференција Антонио Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

-Зошто сметаме дека одлагањето е неопходно? Пред сè од здравствени и епидемиолошки причини цениме дека нема услови да се одржи безбеден и веродостоен попис кој што би дал соодветни и релевантни податоци.

Сите држави во регионот, во Европа, ќе набројам неколку, Ирска, Србија, Германија, Хрватска, Албанија, Бугарија, Романија и многу други ги одложија пописите токму од овие причини затоа што сакаат да го заштитат здравјето на населението, а во подобри услови да одржат попис кој што би дал релевантни податоци, рече Милошоски.

Според нив, човечки и хумано е на толку многу заболени и на превисока смртност, приоритет за имунизација да се даде и да имаат медицинските лица, хронично болните лица и потоа сите други останати.

-Секој друг редослед или приоритет би значел давање предност на политиката наместо на човечноста во медицината.

Затоа сметаме дека здравјето на луѓето треба да биде на прво место, а политичките и владините договори да бидат секундарни во овој поглед бидејќи животот нема реприза.

Уште еднаш ќе повторам, повикуваме од страна на Владата и владејачкото мнозинство да закажат итна седница за да може законски да се интервенира и да се измени Законот за попис на населението со тоа што ќе се одложи за септември, како најран можен месец за одржување на попис под услов во месеците кои се пред нас да има сериозен и динамичен процес на имунизација, порача пратеникот.