Во Македонија до сега немало случај во кој премиерот ја извршувал и функцијата министер за финансии. Заев сакаше да биде првиот кој паралелно со премиерската позиција ќе се грижи и за државната каса. Тоа не е пракса и во државите во Европа. Ретки се примерите каде претседателот на Владата извршува обврски и во некое министерство.

Пред осум години Италија памети ваков случај. Премиерот Марио Монти беше и министер за финансии во време кога земјата требаше да спроведе мерки за штедење поради еден од најголемите национални долгови во Европа. Монти беше номинираан за премиер откако се повлече Силвио Берлускони.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас пак истовремено е министер за надворешни работи. Ја извршува оваа функција по оставката на Никос Коѕијас поради кавгата со лидерот на Независни Грци, Панос Каменос.

И во Албанија премиерот Рама раководеше со министерството за надворешни работи. Причина за тоа беша кавгата со претседателот Илир Мета околу предлогот Косовецот Гент Чакај да биде шеф на дипломатијата. Иако тоа траеше еден ден, односно Рама по само еден ден го делегираше Чакај да го претставува ресорот во меѓународните институции.

Првичниот предлог на Рама беше на местото на сменетиот министер за надворешни работи Дитмир Бушати да биде поставен Чакај. Мета одби да го потпише именувањето со образложение дека Чакај е млад и неискусен и бидејќи ја поддржал идејата на претседателот на Косово Хашим Тачи за корекција на границата со Србија, односно размена на територии.

И во Србија имаше сличен пример. Сегашниот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ ја вршеше функцијата премиер и министер за внатрешни работи од јули 2012 година до Април 2014 година.

И израелскиот премиер извршувал и министерски функции. Бил министер за надворешни работи, како и министер за одбрана по оставката на министерот Авигдор Либерман.

Власта и опозицијата кај нас различно гледаат на тоа дека Заев ќе биде и министер за финансии. Министерката за одбрана Радмила Шекеринска вели дека постојат такви случаи премиер да раководи со министерство и кај други земји. Ја спомена Грција и Нов Зеланд. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски објави на социјалните мрежи дека покрај Македонија единствено во Белизе премиерот Бероу е министер за финансии.