Во тетовското јавно обвинителство денеска пристигнал извештајот од МВР, односно од Одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења од увидот што беше направен на местото на пожарот на Модуларната болница во Тетово во којшто изгореа 14 пациенти кои се лекуваа од корона.
-Во Основното јавно обвинителство Тетово денеска пристигна извештајот од ОКТИВ при МВР од извршениот увид на местото на пожарот во Модуларната Ковид болница во Тетово, кој беше побаран со наредба од обвинителството. Извештајот ќе биде разгледан и анализиран од страна на обвинителите. Се очекува да пристигнат извештаите и податоците за кои обвинителството има издадено наредби и насоки, велат за „Фокус“ од Обвинителството.
Според информациите од таму, во моментов се сослушуваат членови на Комисии за имплементација, следење и технички прием на модуларните монтажни контејнери, кои биле со решение формирани од Министерството за труд и социјална политика.
Извештајот од МВР и извештајот што треба да го направат германските експерти кои исто така извршија увид на местото на пожарот треба да ги дадат одговорите за причините како избувнал пожарот и како цела болница изгоре за неколку минути.
Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека очекува форензичките извештаји и анализите на вештачењето за пожарот да се објават што поскоро и да се решат дилемите околу трагедијата.
– Животот продолжува, политичарите се во кампања,се случуваат секојдневни активности, ред е да се објави тој извештај за да можам секако и јас да го кажам својот став по повод понудените оставки од министерот, заменик министерот, изјави Заев.
Comments are closed for this post.