Во ковид-центрите во земјава се лекуваат 1 663 пациенти, од кои 702 се во Скопје, а останатите во болниците во другите градови, покажува дневниот извештај од Министерството за здравство.

Слободни се, пак, околу 380 кревети.

Во Скопје примени 48 нови пациенти

Изминатото деноноќие во Скопје се примени 48 нови пациенти, а отпуштени се 28 излекувани.

Од вкупно 702 што се лекуваат во главниот град, на Инфективната клиника се сместени 146, а во Градската општа болница „8 Септември“ – 141.

Според извештајот, во моментов во ковид-центрите на Интерните и на хируршките клиники се лекуваат 294 пациенти, а во Институтот за физикална медицина и рехабилитација има 65 болни.

Во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 32 пациенти, а на Клиниката за детски болести хоспитализирани се 12 деца. На Клиниката за гинекологија има 2 позитивни пациентки.

Болниците во Битола, Охрид и Прилеп со најмногу пациенти

Кога станува збор за состојбата во болниците во внатрешноста, најмногу хоспитализирани има во Битола – 151, Прилеп – 116 и Охрид – 100.

Понатаму, во кумановската се лекуваат 94, во штипската 91, а во Велес и Струмица по 90 пациенти.

Во болниците во останатите градови состојбата е следна: Кавадарци 55, Гостивар 44, Тетово 40, Кочани 27, Кичево 25, Гевгелија 22 и Струга 18.