Зоран Заев е главата на октопод во рекетарската приказна. СДСМ да одговори дали вчера на ЦО присуствувале Кики и Фрики? Зошто Заев ги амнестира од одговорност? Дали се плаши дека доколку каже кој се Кики и Фрики може да биде откриено неговото директно учество во рекетарската приказна а граѓаните да дознаат колкав процент земал? СДСМ да ги извади розевите наочари и да види дека во Македонија освен рекетот, криминалот, корупцијата, заканите, уцените и поткупот, друго ништо не функционира – велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму додаваат дека граѓаните со оваа криминална влада живеат се полошо.

СДСМ и Заев се свесни дека им паѓа рејтингот и се плашат да распишат предвремени парламентарни избори. СДСМ и Заев се плашат да се соочат со волјата на граѓаните. За Македонија да оди напред Заев и СДСМ мора да си заминат.
Граѓаните и Македонија заслужуваат промена – велат од партијата, како реакција на соопштението кое претходно го исшрати владејачката СДСМ.

Претходно СДСМ испрати соопштение домедиумите во кое обвинува дека Христијан Мицкоски единствено е фокусиран на одбрана на криминалот на Никола Груевски и затоа се обидува да ги блокира реформите и да и наштети на државата.

„Мицкоски бега од лидерска. Има забелешки за попис а не сака да разговара. Мицкоски сака земјата да остане без попис 18 години, го следи криминалното крило на ВМРО-ДПМНЕ кое не сака земјава рамномерно да се развива. Мицкоски е против правдата. Во време кога функционира правосудниот систем во државата и имаме неселективна правда, кога сите се еднакви пред законите, Мицкоски бега од разговор за законот за јавно обвинителство“, обвинува СДСМ.

Натаму се додава дека „со половина уста бара предвремени избори, а не сака да зборува за подобрување на изборниот законик, затоа што знае дека ќе ги загуби“.

„СДСМ нема да дозволи деструкциите и обидите за закочување на напредокот и реформите кои што ги прави Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да успеат. Одбраната на криминалот на Никола Груевски нема да успее. Напредокот ќе продолжи, правдата ќе биде задоволена, РС Македонија ќе успее“, соопштуваат од СДСМ.