ВМРО-ДПМНЕ на прес конференција денеска посочи пет, според нив, скандалозни случаи во здравството за кои како што велат од партијата доколку министерот за здравство Венко Филипче не си поднесе оставка, тогаш е подготвен да добие „метла“ од Заев која ја најавува.

Портпаролот на партијата, Димче Арсовски, рече дека министерот Филипче е најодговорен за зделка тешка 35 милиони евра која била доделена на фирма основана непосредно пред распишување на тендерот за централизирана набавка на реагенси за лабараториите.

Како втор сомнителен бизнис, Арсовски го посочи тендерот за стерилизација, за кој рече дека и врапчињата знаеле дека ќе го добие фирма од Албанија која што е поврзана со еден ист човек Илир Рапај, тежок најмалку 14 милиони евра.

Трет скандалозен потег, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ е приватизацијата на службите за Брзата помош и Домашната посета, за кој како што рече Арсовски ќе донесе богатење на поединци и на сметка на уништување на здравствениот систем.

Како четврт случај кој според партијата е скандалозен, Арсовски ја наведе епидемијата со морбили која веќе половина година никој не може да ја спречи, дополнително со скандалот со поминатиот рок на вакцините и лажното вакцинирање на својата внука со МРП вакцина.

Петиот скандал во здравството според паритјата е набавката на лекови на скопската Клиника за хематологија од веледрогеријата „Пановски“, каде што постоел евидентен судир на интереси, бидејќи директорката на оваа клиника е ќерка на сопственикот на веледрогеријата од која што  истата ги набавила овие лекови.

„На човечки жртви градеа кариери цело СДСМ. Цело СДСМ ги користеа човечките жртви кои умираат по болниците за да дојдат на власт. Денес гледаме дека нивното доаѓање на власт било само болна амбиција за лично богатење на грбот на граѓаните. Затоа, Венко Филипче треба уште веднаш да си оди од позицијата министер за здравство. На граѓаните не им треба министри кои изиграваат бизнисмени замешани во мафијашки криминогени тендери“, рече Арсовски.