Државната комисија за спречување на корупцијата не го гледа тоа што целата јавност јасно го гледа. Антикорупциската комисија не гледа дека Зоран Заев спротивно на законите, во тек на избори распиша огласи за стотици вработувања кои ќе ги плаќаат граѓаните. ДКСК не гледа дека заради антидржавните и криминогените политики и заради неспособниот кандидат Стево Пендаровски, Зоран Заев се обидува со државни ресурси да придобие поддршка, рече на денешната прес-конференција Наум Стоилковски, партискиот портпарол.

Тој додаде дека ДКСК замижува пред фактот што десетици функционери на СДСМ одбиваат да достават одговор во врска со сомнежите за непотизам и за згрижување на своите блиски на добро платени места, во државните институции на трошок на граѓаните.

Стоилковски инфромираше дека ДКСК до ВМРО-ДПМНЕ доставила заклучок по барањето согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер во врска со вработувањето на мајки, сопружници, синови и ќерки на актуелни функционери.

„Образложението на ДКСК е скандалозно само по себе.

Пoчитувани, Владата и СДСМ тонат во криминогеност. Транспарентноста од нивните усти е само празна флоскула, празни зборови, уште едно министерско место и можност за вработување партиски кадри. За СДСМ не постои закон, не постои институција, не постои држава, постојат само криминогеност, корупција, непотизам и лага.

Над 50 избрани и именувани функционери не пријавуваат промена кај своите роднини, кој каде бил вработен, именуван, унапреден. Тоа инаку е законска обврска, во рок од 10 дена од промената на работниот статус на роднините ДКСК да биде известена од функционерите.

ДКСК за случување на корупцијата во одговор до ВМРО-ДПМНЕ потврди дека над 50 избрани и именувани функционери спротивно на Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси не ја информираат Комисијата за именување или вработување, унапредување на член на неговото семејство во државен орган, орган на локалната самоуправа, јавно претпријатие или друго правно лице што располага со државен капитал,

Меѓу овие над 50-те функционери, звучни презимиња и имиња од власта кои не поднеле пријава за промени до ДКСК, кои не го почитуваат законот, не се грижат за корупцијата, непотизмот, неказнивоста се и:Костадин Костадинов, пратеник, чија што тетка е вработена во ЈЗУ Општа болница Струмица, Фросина Ременски, пратеник, за назначување како член на надзорен одбор во ТЕЦ Неготино на првиот братучед, Максим Димитриевски, градоначалник на Општина Куманово за вработување на сестрата во училиште во Куманово, Душан Вукадиновиќ, директор на рудници РЕК од Битола за вработување на сопругата во термоелектрана РЕК, Оливер Илиевски, Директор на Водостопанство, за вработување на сопругата во МВР – од 08.10.2018 година значи половина година“, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Стоилковски посочи дека избрани и именувани функционери на власта на Заев не ја исполнуваат законската обврска, не ја регистрираат институцијата, што е многу индикативно.

„Долго време немаше антикорупциска комисија, ја открива ли ова однесување причината за тоа? Власта почитувани, покажува непочитување на комисијата и на законите! ДКСК мора да поведе постапка и мора да почне да се спроведува законот, со прекршочни казни за овие лица. Поминати се не 10 дена туку и половина година од некои случаи. ДКСК мора да се ослободи од притисокот на Зоран Заев и власта и мора да почне да го контролира незаконското работење. Се спротивно од ДКСК е поддршка и поттик кон нетранспарентноста на оваа власт“, заврши Стоилковски!