По вчерашните седници на Советот за безбедност, а потоа и на Владата, се очекува денеска да има нова владина седница на која ќе биде прогласена кризна состојба на целата територија на државата во период од 30 дена.

Премиерот Зоран Заев вчера најави дека најдоцна до денеска би донеле таква одлука откако Советот за безбедност одлучи да ѝ препорача на Владата да преземе таков чекор.

За Владата да прогласи кризна состојба, треба да добие препорака Управувачкиот комитет за координација и управување, според мислење на Групата за процена.

За да се овозможи тоа, Владата синоќа одржа седница на која за членови на Групата за процена ги именува в.д. директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов и в.д. директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути.

Ангелов, исто така, беше именува и за член на Управувачкиот комитет за координација и управување.

Со прогласувањето на кризната состојба, армијата ќе може да се ангажира и да ѝ помага на полицијата, а една од поважните можности што се отвора е и тоа што државата ќе може да ги користи и услугите на приватните здравствени установи, а за тоа ќе ги обесштетува согласно Законот за кризна состојба.