Тоа е друг адвокат, не сум јас. Јас со Зоран Милевски никогаш не сум се сретнал, изјави за Економски лидер адвокатот Ване Андреев.

Името на адвокатот Андреев се појави во случајот „Рекет“ при изведувањето на доказната постапка, во доказот со број 148. На прикажаното видео и фото-албум се гледаа две лица во друштво на веќе обвинетот Зоран Милевски Кичеец во кои се препознаа адвокатот и братот на екс-премиерот Зоран Заев. Одбраната на првообвинетиот Бојан Јовановски алијас Боки 13 реагираше зошто во писмениот опис на доказот обвинителката Вилма Русковска не ги опишала добро, иако лицата се општопознати во јавноста.

Обвинителката Русковска, пак, појасни дека истражителите снимиле тоа што според техничките можности успеале да го видат и оти освен лицата, кои биле таргет, не се споменува ниту едно друго лице. Според неа, така било секогаш, откако во 2008 година била законски регулирана оваа област и тука немало никаква теорија на заговор.

Пратеникот на СДСМ, Мухамед Зекири во емисијата „Отворено“ на телевизија 24 потврди дека средба помеѓу Вице Заев, адвокат близок до Зоран Заев и Зоран Милески Кичеец, навистина се случила.