Собраниската Комисија за европски прашања на продолжението на денешната седница усвои десет амандмани поднесени на Предлог-законот за јавно обвинителство. Како што информира претседателот на Комисијата, Артан Груби, претстои усогласување на работните групи за преостанатиот 41 амандаман.

Вкупно беа поднесени 54 амандмани на Предлог-законот, од кои три беа повлечени и 51 се во процедура. Десет амандмани денеска усвоивме, остануваат уште 41 амандман, изјави Груби.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски по седницата на Комисијата изјави дека ги усовиле оние амандмани за кои досега имале постигнато согласност, во рамки на преговорите со владејачкото мнозинство и претставниците на Владата кои веќе имаат предлог-закон за обвинителство.

Рече дека ВМРО-ДПМНЕ вкупно предложило 14 амандмани на законот за обвинителство, од кои денеска се усвоени четири, иако, како што рече истите не се дел од оние суштински теми во кои имале поголеми разлики.

Во следните денови ќе работиме на усогласување на заеднички термин за понатамошни разговори, кои се опфатени со амандманите на опозицијата, додаде тој.

Рече дека една од суштинските теми е начинот на избор на обвинителот кој ќе биде на чело на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, со вклучување на Собранието во методологијата на избор.

Следната тема е како ќе се постапува со помошниците обвинители на Катица Јанева, за кои сметаме дека биле избрани со мандат, и согласно нивните решенија за мирување на работниот однос би требало истите да се испочитуваат. Третата тема е принципот на хиерархија и субординација, односно прдметите на СЈО во судска постапка да одат кај јавен обвинител и потоа тој да ги распредели во Обвинителството за организиран криминал, рече Милошоски.

Посочи дека тема што ќе ја отворат е и изборот на прв човек на Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција, кој, како што посочи, не мора да биде само од редот на јавите обвинители, туку да биде од поширок опсег да опфаќа и професори кои имаат долг стаж во кривично-правната област.

Обвинителот треба да биде избиран врз основа на строги и високи критериуми, по предлог на најголемата опозициска партија, со утврдување на тој предлог од страна на Комисијата за избори и именувања, и потоа со потврдување на истиот предлог од стртана на владејачкото мнозинство, на пленарна седница, и истиот предлог да биде испратен до Советот на јавни обвинители за конечна потврда или одбивање, појасни Милошоски.

Комисијата за европски прашања ќе продолжи со расправата по амандманите, која може да трае најмногу два работни дена.

Собранието во вторникот одлучи Предлог законот за јавно обвинителство да се носи по скратена постапка. Истиот ден Груби ја закажа седницата на Комисијата за европски прашања за денеска. Министерката за правда Рената Дескоска најави дека доколку не се обезбеди двотретинско мнозинство, тогаш во опција се други решенија, а едно од нив, како што рече, се измени во Законот за советот на јавни обвинители кој се носи со 61 глас.