Во Република Македонија 55 години постои уставно судство, „но никогаш не е поставено прашањето за реформа на Уставниот суд“, посочи денес министерката за правда Рената Дескоска. Таа заедно со повеќе експерти од областа на уставното право учествуваше на јавната дебата што ја организираше Националната конвенција за ЕУ во Македонија (НКЕУ-МК).

Професорката Милева Ѓуровска, национален координатор на НКЕУ рече дека анализите што се направени покажуваат дека е неопходно многу потемелно да се делува во насока на остварување на независно судство. Притоа таа го посочи акутниот проблем со недостиг од имплементација и притоа додаде дека во дебатите за Поглавјето 23 треба да учествуваат сите чинители, а покрај правниците, адвокатите и судиите во нив треба да се вклучат и граѓанските организации.

Министерката Дескоска рече дека Уставниот суд е извор на правото, на владеењето на правото, но и дека „нема закон за уставен суд“, па затоа и нема рамка со која ќе се одреди до каде оди надлежноста на највисокиот суд.

Таа истакна и една нелогична ситуација кога Уставниот суд во 2016 година во рок од само три месеци донел две различни одлуки за една иста работа – првин дека не е надлежен за распуштање на Собранието, а потоа се прогласи за надлежен.

Професорката Гордана Силјановска Давкова истакна дека „дојде на дневен ред најнереформираната институција“ во земјата. Таа кажа пример од една меѓународна конференција на која ја прашале колку пати Уставниот суд се повикал на Европската конвенција за локална самоуправа, а одговорот за жал бил – ниту еднаш.

„Општ заклучок е дека Уставниот суд паднал во комфор, во изолација и во апстиненција. Отсуствуваат јавни расправи на кои можат да се иницираат идеи. Станува збор за затворен орган, уставен декор, соучесник во кршење на Уставот и законите. Хронично прогласување ненадлежност“, истакна Силјановска.

Таа рече дека Уставниот суд е дел од редовните судови и затоа треба да биде дел од судските реформи, односно во реформите поврзани со Поглавјето 23.

Уставниот суд треба да биде ефективен, но и ефикасен, рече Наташа Габер Дамјановска, поранешен уставен судија, а сега директор на Академијата на судии и обвинители.

„Статистички Судот постапил во една третина на барања од неговата тесна надлежност. Но, дали тој бил ефективен. Не. Само една пресуда донел за ускратено право, конкретно за пасивно избирачко право, а сега ќе се објави уште една. Само две одлуки“, потенцираше Габер.

Инаку, во денешната дебата учесниците ја истакнаа потребата од воведување на можност за уставна тужба или жалба, нешто што само Македонија го нема од сите поранешни југословенски републики.