Вечерва ќе заседава Извршниот одбор на СДСМ. Се очекува да расправа по барањето на опозицијата за распишување на предвремени парламентарни избори.

На дневен ред се и  претседателските избори,  локалните избори во три општини и редовна пререгистрација на партијата.

Одлуката за предвремени парламентарни избори и натаму е неизвесна, со оглед на тоа што раководството е поделено дали да влезат во трка за уште еден владин мандат.

Во меѓувреме според извори од партијата се прават напори за да се постигне договор со коалициониот партнер за консензуален претседателски кандидат. Од СДСМ официјално велат дека  до овој момент нема најава за средба Ахмети – Заев.

Во СДСМ во тек е огласот за претседателски кандидат. Она што е веќе познато во јавноста е дека на отворениот партиски повик се пријави поранешниот амбасадор Ѓорѓи Филипов.

Според партиските анкети пак високо на листата котирал националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски. Како можни претседателски кандидати се споменуваат и шефот на дипломатијата Никола Димитров, како и  министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Конечната одлука владејачката партија ќе ја донесе на Конгресот закажан за 3-ти март.