Шест илјади дози од вакцината „Астра Зенека“ денеска пристигнаа во Скопје како донација од Унгарија за имунизација на македонската гранична полиција.

Донацијата ја донесе шефот на дипломатијата на Унгарија, Петер Сијарто, а беше пречекан од македонските министри за внатрешни и надворешни работи, Оливер Спасовски и Бујар Османи.

На примопредавањето на граничниот премин Меѓународен аеродром „Скопје“, министерот Спасовски рече токму припадниците на граничната полиција, според нивните надлежности и обврски, се во поголема мера изложена на предизвиците од актуелната глобална пандемија на ковид-19.

„Досега, како Министерство, успеавме да организираме имунизација на над 1 500 наши припадници на полицијата, а со тој процес на имунизација ќе продолжиме и понатаму врз основа на планот што е изготвен во Министерството за внатрешни работи и во Министерството за здравство. Ова е уште една можност преку ваков пријателски чин да испратиме силна порака за взаемна соработка и пријателство“,

рече Спасовски.

Тој ја искористи можноста да апелира до граѓаните масовно да се пријават за вакцинација против ковид со цел побрзо враќање во нормално живеење.