Указот за прогласување на Законот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти денеска е доставен од Собранието на Република Северна Македонија. Претседателот Стево Пендаровски ќе го разгледа текстот на законот, по што ќе донесе одлука и навремено ќе ја информира јавноста, велат за Пресинг ТВ од Кабинетот на претседателот Пендаровски.

Законот за легализација на дивоградбите беше изгласан вчера во Собранието. Со него, меѓу другото, се овозможува легализација на бесправно изградени објекти изградени до денес, со тоа што треба да се платат 50 отсто поскапи комуналии. Тоа вклучува објекти, гаражи, остави и базени изградени без дозвола за градба, дивоградби во национални паркови, природни резервати, споменици на природата и подрачје на заштитено недвижно културно наследство.

Од законот се исклучени дивоградбите во границите на Охридскиот регион каде има природното и културното наследство, како и дивоизградените згради.

Меѓутоа, усвојувањето на законот предизвика бура од реакции во јавноста, а некои политички партии побараа од шефот на државата да не го потпишува указот.

Одделни медиуми, пак, во ова препознаа цел за ослободување од кривичен прогон на поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски. Иако, тезата може да се постави и сосема обратно, дека актуелната власт со усвојувањето на законот нема намера да гони поединци зад кои стојат масовни дивоградби како тие на Матка или во Центра, Чаир и други општини во државата.

Претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, пак, за МКД.мк изјави дека ќе покренат иницијатива пред Уставниот суд за оценка на уставноста на законот, доколку тој го мине претседателскиот филтер.