Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски споделуваќи детали од состанокот со грчката амбасадорка Софија Филипиду наведува дека од страна на амбасадорката му било соопштено дека од страна на нашите институции на повеќе наврати и било наговестено дека нема да го има проблемот којшто го имаме, заради тоа што веќе се издадени 1.250 000 патни исправи.

-Проблемот е овде што не се приоѓа кон проблемите со основната цел, да се решат, туку едноставно стихијно бил оставен системот да функционира како што функционирал. Алармантна е ситуацијата, верувајте ми. Проблемот кај пасошите не е само во фотографирањето и во издавањето, најголемиот проблем е во планирањето. Нам ни требаат некаде најмалку отприлика уште толку пасоши колку што се издадени. Кога го планирале процесот не го планирале според број на државјани на Република Македонија, туку според бројот на ефективно присутни во Република Македонија. Прва катастофална грешка. Многу доцна влегле во процесот на реализација на самиот Договор. И сега од позиција на амбасадор на своја држава нормално дека ќе инсистира на почитување на одредбите од Договорот, објасни Тошковски за „Сител“.

Тој рече дека на средбата била побарана можност дали има и друг начин во наредниот временски период да се спречи да бидат заробени граѓаните кои нема да успеат да добијат нови патни исправи, но вели искрено не се надева на такво нешто.

Во однос на обрасците за пасошите рече дека проблемот не е со добавувачот, туку во лошото планирање, денеска пристигнале 50.000, а очекува до крајот на овој месец уште 250.000 обрасци. Со досегашното ниво на изработка од 50.000 пасоши месечно, според него, и да се зголеми оваа бројка, за да се задоволат барањата на уште околу милион граѓани ќе биде потребна една година. Најави дека на крајот на јуни или јули, треба да стигне поголема количина на обрасци со кои треба да се задоволи остантиот дел од потребата за процесот.

Граѓаните да не очекуваат дека ние имаме магично стапче. Јас чуда не можам да направам, ниту луѓето кои се таму со мене, но можат да дадат се од себе и да одат на работа по 14 – 18 часа ако треба за да подобрат нешто, да осетат граѓаните дека навистина има надеж, дека ќе одиме кон подобро. Но нема теорија процесот да заврши до 12 февруари, вели Тошковски.