Еден текст во денешен софиски „Труд“ отвара дилеми, што во Македонија насилно ги промовираа двајца професори-Денко Малески и Владо Бучковски.

Малески во една пригода напиша дека Македонија немала свое средновековие, а Бучковски пред неколку дена од Софија ни порача дека „србизацијата“ на Македонија траела долго.

Текстот во „Труд“ е на Спас Ташев од Историскиот институт при БАН е насловен како „Лицемерието на гробот на Свети Кирил во Рим како етно-културен геноцид“, а се однесува на чествувањето на Кирил и Методиј во Рим од страна на Бугарија и Македонија, чин за кој заедничката комисија постигна согласност и веќе стана пракса во меѓусебните односи. Иако, мора да се напомене дека токму прашањето за Кирил и Методиј беше основа за реакцијата на Чешка и Словачка за бугарското вето за Македонија на нејзиниот пат за официјален почеток на пристапните преговори со ЕУ и присвојувањето на светите сесловенски просветители и давањето на етничка, чисто бугарска димензија.

Суштината на писанието, кога станува збор за проф.Малески и проф.Бучковски е дека уште еднаш се потврдува оти кармата е кучка! Односно, дали првото чествување на Кирил и Методиј во Рим од страна на официјална македонска делегација во 1969 година е негација или потврда на (не)постоењето македонско средновековие и сосема спротивните ставови и однесување на таткото и синот Малески или, пак, и тоа било чин на долга „србизација“ на Македонија, според Бучковски?!

Ташев во текстот напоменува дека Бугарија е првата словенска држава, која во базиликата „Сан Клементе“ во Рим во 1929 година поставила икона-мозаик и оти подоцна тоа го сториле и други словенски народи. Но, тоа што е важно за нас, потсетува на настан од 1969 година, па вели:

„Еден настан од 1969 година, за кој во некогашниот комунистички лагер е наметнат молк, ги вознемирува луѓето со слободна свест во Македонија. Создадената пред две години, со благослов на власта во Белград, автокефална Македонска православна црква одлучува за прв пат во историјата да испрати своја делегација на поклонение во Рим, а повод е 1100-годишнината од успението на Св. Кирил.

На 14 фервруари 1969 г. римскиот папа Павле VI служи свечена литургија и иако визитата била координирана со југословенскиот амбасадор Вјекослав Цврле, Светиот отец е зачуден од импресивниот состав на појавената југословенска група. Таа е предводена од членовите на Извршниот совет на СР Македонија, Иван Катарџиев и Владо Малески, во придружба на претставници на Македонската академија на науките и уметностите Академик Харалампие Поленаковиќ и проф.Фрањо Бачиќ, а исто така и од протојерејот ставрофор Климе Малевски, митрополитите Климент и Кирил и самиот македонски архиепискот Доситеј Стојковиќ.

Церемонијата на папата е католичка, поради што претставниците на скопските црковнослужители немаат однос кон неа. Нивната задача е сосема друга-да ја шират пропагандната литература, која изобилува со фалсификати, и да постават плоча на гробот на св.Кирил „со благодарност од македонскиот народ“. До тогаш во светот нема слични написи, поради што акцијата на Југославија од македонско-бугарската емиграција е оквалификувана како антибугарска провокација. Во најсинтетизирана форма промената на фактите лежи во тврдењето на Македонската православна црква, која признава дека е создадена во јуни 1967 година, но се прогласува за наследник на „Охридската архиепископија, која постоела од времето на св.Кирил Солунски, но некаконски била укината во 1767 година со ферман на турскиот султан по барање на Царигардската патријаршија…“.

Не навлегувајќи во натамошната содржина на текстот во која се дава реакцијата на МПО во САД и Канада, за нас е важно да се укаже на бесмислените реакции татко-син (Малески) и на толкувањето на југословенството како „србизација“ (Бучковски) на сметка на МПЦ, македонскиот јазик и македонската култура.