Наводната средба меѓу европратеничката и портпаролка на Нова демократија, Марија Спираки, со македонскиот премиер Зоран Заев во Брисел и натаму е во фокусот на вниманието во Грција, пред се преку соопштенија од кабинетот на грчкиот премиер и обвинувања до опозициската партија.

Дека Спираки се сретнала со Заев беше објавено во стенограмите од лидерските средби во Македонија, а портпаролката на Нова демократија тврдеше дека случајно се сретнала со македонскиот премиер.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, од кабинетот на Ципрас, велат дека тајни средби имало, по наредба на Мицотакис.

– Вчера Нова демократија не најде збор да каже за тоа што беше откриено дека од премиерот на ПЈРМ побара да не бара решение со денешната влада, туку во подоцнежна фаза, ако Мицотакис дојде на власт, за предизбирно да не се подели Нова демократија. Денес се открива дека “случајното кафе” на портпаролката на Нова демократија било договорено до последен детаљ од дипломатската канцеларија на Нова демократија, а средбата не била толку „случајна”, туку била во хотелот “Кортјард Мериот Брисел“ каде што престојуваше официјалната делегација на Зоран Заев, соопштуваат од кабинетот на Ципрас, од каде што преку соопштение реагираа и вчера, додека пак од Нова демократија нема никаков одговор.

Кога беа објавени стенограмите од лидерските средби, Марија Спираки, за грчките медиуми тврдеше дека случајно додека одела на кафе во Брисел при што го сретнала македонскиот премиер.

Од македонската влада велат дека немало официјално закажана средба меѓу македонскиот премиер Зоран Заев и госпоѓа Спираки, или кој било друг член на грчката опозиција. За време на својот престој во Брисел, минатата година, премиерот Заев и Спираки имале кус кафе  разговор, како што тој има со многу пратеници од Европскиот Парламент или со политичари од различни земји, за време на своите посети на Брисел, наведуваат владини извори во Скопје.