Рехабилитација на македонските Бугари жртви на комунистичкиот режим е една од 5+1 точките, што Бугарија и ги постави како услов на Македонија за кревање на ветото за официјален почеток на преговорите за членство во ЕУ. Власта молчи за содржината на одговорот, а официјална Софија смета дека сите, кои биле судени за ВМРО и ванчомихајловизам, биле македонски Бугари. Но, дали е баш така?! И дали повторното отворање на политичките досиеја ќе значи рехабилитација или ново убиство на поединци?! Да се послужиме со примерот на Методи Гогов или попознат како Дедо Михаил, кој беше и поглавар на МПЦ.

5. Центарот на ВМРО во Рим

Поврзувањето со овој центар и создавање позиција за натамошни контакти е задача од првостепено значење, што треба да се реши со оваа комбинација. Контактите со Асен Аврамов и Наум Асенков, а сигурно и со Ванчо Михајлов треба да ни дадат поцелосна слика за состојбата во овој центар, околу намерите за активноста во странство и спрема земјата, за поврзаноста со клероусташката емиграција и други кругови на Запад, за евентуални врски во земјата и начинот на одржување контакти и сл. Прашањата што соработникот ќе треба да ги третира со нив, како и конкретните тавови околу истите ќе бидат обработени со посебен план.

Можности и начин на изведување на акцијата

За изведување на акцијата „Екумена“ како во земјата, така и во странство, постојат сосема реални можности, кои кога ќе се искористат со вешто и солидно комбинирање ветуваат успешно остварување на задачите фиксирани во планот.

I-Подготовки за изведување на акцијата

Мошне солидното и блиско пријателство, што соработникот во последните 2-3 години го воспостави со бискупот Чекада врз база на наводно исти ставови околу прашањето на односите со државата и обединувањето на црквите, е најважната гаранција за успешно спроведување во живот на замислите на оваа акција, а особено во странство. Големата доверба со која се пласираше кај Чекада ќе биде користена за регистрирање и следење на неговото расположение кон власта, неговите намери и акции во врска со концилот, посебно меѓу праволсваниот клер, како и за сите останати подготовки. При контактите, покрај тоа што во разговорите и натаму повеќе би му ја препуштал иницијативата на Чекада, соработникот внимателно и систематски би покренувал некои прашања за објаснување како: врските со одделни епископи и свештеници на линија на зближување и нивниот однос кон ова прашање; активноста на клероусташката емиграција на Запад и нејзината поврзаност со ванчомихајловистите и сл. Како можни приврзаници на идејата за зближување на црквите пред Чекада би споменал неколку влијателни фактори на црквата-свои добри пријатели (Василие Костиќ, Павле призренски, Јустин Поповиќ и др.) со кои му се пружа можност за контакти со заминувањето на конференцијата на здружението во Белград (пред заминувањето би му се јавувал на Чекада).

Прашањето заљ своето заминување во странство за време на траењето на вториот дел од Концилот, на што инсистира Чекада, би го покренувал повеќепати во разговорите, заради изнаоѓање на најдобро заедничко решение. Како најдобро решение и натаму би го истакнувал следниот план: Прво да се обиде да оди во Грција заедно со својата сопруга со излетничка група на „Путник“, па ако властите му одобрат подоцна да побара, со ангажман на митрополитот, одобрение за едномесечен престој во Лондон на свој трошок, заради усовршување на јазикот, зашто се плаши дека ако побара патни исправи за Италија властите да не ја прочитаат неговата намера и да го спречат. Вака би можел, и на одење и на враќање, да се задржи по неколку дена во Италија, да го види Концилот со негова помош и да се сретне со пријатели. Тоа сигурно би го чинело многу трошоци, но оти се надева дека извесни средства ќе добие од ќерка на еден скопски свештеник, која живее во Лондон, со тоа што противвредноста во динаро би му ја вратил на татко и, или од неговиот познаник, професорот Жернов, кој исто така има роднини и пријатели во земјата, од кого всушност би добил и гарантен лист за престојот во Лондон.

Пред заминувањрето во странство, соработникот би бил упатен на два-три контакти со следните лица со кои стои во необично добри односи: Василие Коситиќ-епископ жички, архимандритот Јустин Поповиќ, калуѓерката Ана од манастирот Врачевшница, и Елица Поповиќ-професор по музика во Белград, со цел-како пријатели и врски на професорот Николај Жернов-да ги информира за својата намера за заминување во Лондон и од нив да добие некои пораки или некои објаснувања за карактерот на нивните врски. Паралелно со ова би разменил мислења, а особено со Костиќ и Поповиќ, по низа други актуелни прашања од црковен и политички карактер: за состојбата во СПЦ и нивните акции против патријархот, за односот на црквата спрема државата, за акцијата на РКЦ за зближување, за емиграцијата на Запад и нејзините акции (посебно за групата на Алекса Тодоровиќ во Минхен) и слично. Прашањата за овие разговори посебно би се обарботиле.

Соработникот во Белград би контактирал и со некои службеници од патријаршијата и одделни свештеници-реакционерно расположени, а посебно со Миомир Тодоровиќ, син на прота Алекса Тодоровиќ-емигрант во Минхен, заради информирање за неговата работа и врските во земјата. По можност, би контактирал и со пеископот Јован Велимировиќ.

1.II. Заминувањето во странство

Како што веќе навести и Чекада, соработникот би патувал прво во Грција со екскурзија на „Путник“ водејќи ја со себе и својата сопруга, со што патувањето би било малку впечатливо. Во Грција не би имал за извршување некои задачи, доколку не биде упатен од митрополитот Доситеј на контакти со некои епископи во Солун или Атина. Во Грција би патувал во текот на април. За своето заминување навремено би го информирал Жернов во Лондон и Мешков на Кипар, затоа што последниот можеби би дошол во Грција на контакт со него. На Жернов и на Мешков (ако не дојде до контакт) би им се јавил и од Грција, информирајќи ги за својата намера за заминување во Лондон и фиксирајќи го приближно времето на својот престој.

По враќањето од Грција, соработникот систематски би работел на подготовка на теренот за заминување во Лондон, како кај Чекада, така и кај митрополитот Доситеј и неговите поблиски соработници. Со Чекада би го прецизирал времето на заминување, начинот на средбите и програмата за престојот, контактите со неговите познати-свештеници, можеби прашањето за сместување и слично. За да не предизвика сомнеж кај црковните кругови на МПЦ издавањето на патни исправи како на бивш осуденик, тој би го замолил митрополитот Доситеј и некои од неговите најблиски соработници за интервенција кај надлежните фактори, правдајќи го патувањето со потребното усвршување на јазикот, што секако би било корисно и за црквата.

Во Рим би се задржал и при заминувањето и на враќање, заради извршување на предвидените задачи. Што се однесува до контактите со католичкиот клер и клероусташката емиграција, тешкотиии нема да има, зашто самиот Чекада ќе го воведе во тие средини и покрај тоа што ќе биде нормално да побара да се види со своите познати од Охрид (Аман, Лацко), чии адреси ги има.

На евентуални потешкотии единствено може да се смета во поглед на поврзување со центарот на ВМРО во Рим доколку за тоа не се најде соодветен мотив во земјата, и доколку до тоа не дојде преку Иван Томас со кого Чекада сигурно ќе го запознае. Без сомнение, за престојот на соработникот Томас сигурно ќе го информира Асен Аврамов со кого има чести контакти. Иако соработникот порано немал никакви непосредни или посредни врски со луѓето од овој центар, неговиот престој во Рим сигурно ќе ги заинтересира и заголица, па и самиот Ванчо Михајлов, и ќе побараат да се сретнат со него. Иако лично не го знаат, сигурни сме дека се добро информирани дека тој е влијателна личност во свештенството на МПЦ и дека двапати бил во затвор заради активности на бугарофилска и ванчомихајловистичка линија. Убедени сме дека и Ванчо Михајлов, со оглед дека обајцата се од Штип, добро го познава неговото семејство и дка слушнал за неговата активност за време на окупацијата кога престојувал во Скопје во 1944 година. Впрочем, како легитимација ќе му послужи и мислењето, што веќе го дале или ќе го дадат бискупот Чекада и клероусташките емигранти во Рим. Во секој случај, комбинацијата треба да биде изведена така да иницијативата за контакт дојде од центарот на ВМРО, зашто во спротивно постои опасност и едните и другите да се посомневаат дека дошол по задача на власта.

На минувањето низ Париз евентуално би го посетил Јован Максимович, епископ на руската задгранична црква, со кого е добар пријател уште пред војната, со цел дека можеби би се информирал за работата на Николај Жернов за положбата и активностите на емиграцијата, и преку него би дошол до контакт со некој од нив. Доколку биде од интерес, во Париз би ги побарал и католичките свештеници со кои се запозна во Охрид на Конгресот на византолози.

Во Лондон би контактирал со Николај Жернов и со Климент Мешков ако дојде од Кипар, како и со други лица со кои тие би го довеле во контакт. Од овие контакти со Жернов, претпоставуваме дека ќе произлезат интересни работи, барем според тоа што јас му го навестив на соработникот за време на разговорите во Охрид, инсистирајќи дека по секоја цена мора да најде начин да дојде во Лондон. Претпоставките ги базираме на познанства и пријателства од пред војната, и неограничената доверба во соработникот.

За да ги елиминира било каквите сомнежи, соработникот за време на престојот во странство, покрај редовното вршење на верските должности, секаде ќе покажува интерес за работите поврзани со неговиот свештенички позив, како: за богословски и црковно-историски материјали, за црковни споменици и црковна уметност во што многу се разбира и сл.

III. Квалитетите на соработникот-гаранција за успех на акцијата

Според образованието (богословско и световно), според културата и способностите и други квалитети, соработникот необично отскокнува од сите православни свештеници во НР Македонија. Пред војната завршил богословски факултет и бил катихета на територијата на Македонија и Србија, истакнувајќи се со своите способности. За време на окупацијата бугарската власт ја дочекал како своја, па со бугарофилството конечно расчисти последните неколку години. Заради извесни активности на бугарофилска и ванчомихајловистичка линија и концепциите за создавање христијански фронт за борба против комунизмот, што не ги пропагирал и спроведувал во живот, двапати бил осудуван и во целост ја издржал казната. Во затвор многу добро научил англиски, го усовршил францускиот и прилично го совладал италијанскиот јазик. По излегувањето од затвор, на Филозофскиот факултет довршил историја на уметноста.

Престојот во затвор (каде добро се држел), нашата реалност и влијанието на позитивната средина што го окружува, прдонесоа последните години сосема да го ревидира својот однос кон нашето општествено уредување, па и својата ќерка ја омажи за истакнат член на СКЈ.

Од 1959/60 година започнува неговата соработка со нашата служба, прво постепена и внимателна по прашања за решавање на црковниот проблем во НРМ, додека не дојдоа контактите со Чекада, а подоцна со католичките свептеници Николај Жернов и Климент Мешков на Конгресот на византолозите во Охрид, кои значеа пресвртница во неговата натамошна соработка, кога виде што се може да се крие под плаштот на верата. Од тогаш се ослободи од некои предрасуди и секогаш е подготвен да прифати и да ги спроведе во живот нашите задачи, а особено од посериозен и покрупен карактер, додека со ситници не сака да се занимава. Во досегашната соработка се покажа мошне искрен и објективен, што во повеќе наврати со сигурност е утврдено.

Важно е да се истакне дека реакционерите од сите бои и категории, како во земјата, така и во странство, со оглед на неговото минато го третираат како заколнат непријател на нашето општествено уредување и на власта, зашто поинаков никогаш и не можат да го замислат. Од посебно значење се неговите квалитети: комуникативноста, начинот на комуникација со луѓето, мајсторството во водењето разговори, убавото изразување, широката култура и доброто познвање на работите, како и сериозноста на неговата појава која многу убедливо делува на соговорниците и ги освојува.

Прашањето за неговата приврзаност и верност кон нас, не може воопшто да биде поставено, зашто тој, како што е наведено, сосема се корегираше, зашто е поврзан со семјеството, а посебно за својата ќерка, која ја омажи за истакнат член на СКЈ и јавен работник.

IV. Парични средства за извршување на акцијата

1.За заминување во Грција (со сопругата) преку „Путник“ вкупно 80.000 динари

2.За заминување во Рим, Париз и Лондон и за трошоци за престој

а)повратен билет ( втора класа) 60.000 динари

б)за трошоци околу виза и за набавка на 20 долари, вкупно 25.000 динари

в)за трошоци околу престојот во странство 280 долари

Вкупен износ на средства во динари и во странска валута потребни за спроведување на оваа акција: 165.000 динари и 280 американски долари.

По ова, веднаш почнуваат подготовките на Дедо Михаил за реализација на акцијата. И многу скоро следува средбата со бискупот Чекада.

„…Кога вчера дојде девојката со пораката за средбата со Вас, јас се израдував и заради една друга работа, зашто сакав да Ве видам и да се консултирам во врска со нешто. Имено, околу моето заминување во странство. Сакам да го сменам нашиот претходен план, да не одам во Грција, туку директно во Италија со екскурзија на „Путник“, зашто во Грција нема што посебно да видам, немам толку пари за толку патувања и тоа би и паднало во очи на власта“, ќе ми каже меѓу другото Дедо Михаил на Чекада.

„Одлична идеја оче, многу паметно“, ќе возврати бискупот скојаќи од радост и прегрнувајќи го и целувајќи го Дедо Михаил.

И ќе му порача за ништо да не се грижи, зашто се ќе му среди он, па и посета на институтот Блажениот Јероним.

„Како што гледате, ние сме чекор поблиску до нашата цел, односно да го видите концилот. Кога сум јас таму, немате за што да се грижите, Вие таму ќе бидете гостин како најблизок род“.

Дедо Михаил ќе замине за Италија на 24 април 1963 година. За краткиот, првомајски престој во Рим ќе се види со пријателите на бискупот Чекада и во разговорите ќе бидат покренати безброј интересни прашања, на пример, околу добивање макар и мали мошти од Св.Климент од Охрид, дали и како би моѓело тоа да се реализира, отворање ширум врати за истражувања во богатата библиотека во Ватикан за потребите на МПЦ, за (не)поврзување на црквите, за…Но, ќе нема доволно време за контакти со центарот на ВМРо во Рим. Ќе остане тоа за некоја друга пригода. Меѓутоа, темелите за соработка со Ватикан и со Институтот за оринеталистика ќе бидат поставени. За се ова Дедо Михаил ќе информира во Скопје. За жал, ќе следува земјотерсот и ќе забави некои работи.  Особено присуството на вториот дел на концилот закажан за почетокот на септември. Кога работите ќе се потсмират ќе следуваат и натаму комбинации, акции во Ерусалим, во Истанбул, во Бугарија…

Но, и покрај се, останува една непозната. Во пописот на документи од личното досие на Методи Гогов или Дедо Михаил стои забележано дека во него се наоѓа и писмо на папата Иван XXIII адресирано лично до него. За жал, писмото не е составен елемент на документацијата. Нема ни трага каде може да завршило, иако има непроценливо значење и вредност за тајната дипломатија на Дедо Михаил.

(Крај)