Рехабилитација на македонските Бугари жртви на комунистичкиот режим е една од 5+1 точките, што Бугарија и ги постави како услов на Македонија за кревање на ветото за официјален почеток на преговорите за членство во ЕУ. Власта молчи за содржината на одговорот, а официјална Софија смета дека сите, кои биле судени за ВМРО и ванчомихајловизам, биле македонски Бугари. Но, дали е баш така?! И дали повторното отворање на политичките досиеја ќе значи рехабилитација или ново убиство на поединци?! Да се послужиме со примерот на Методи Гогов или попознат како Дедо Михаил, кој беше и поглавар на МПЦ.

На 21 декември 1969 година „Ричард Гордон“ замина за Австралија. На 20 ноември 1969 година на “Ричард Гордон“ му врачив подарок-новоизлезената книга за македонските икони. Тогаш требаше да му врачам и златник во вредност од 688 динати. Меѓутоа, овој златник го купив дури на 30 декември 1969 година. Златникот ќе му биде предаден на „Ричард Гордон“ во мај 1970 година, кога тој за стално ќе се врати од Австралија во земјата.

„Ричард Гордон“ успешно ја изврши првата фаза од комбинацијата спрема „Илегални“.

Ова е содржината од Предлог-барањето за одобрување на износ од 688 динари, што го поднел началникот на соодветното одделение на поранешната Служба за државна безбедност заедно со „признаницата“ за купениот златник, кој требало да бу биде предаден на соработникот „Ричард Гордон“. Зад псевдонимот се крие лицето Методи Говов или Дедо Михаил, кој како архиепископ на МПЦ ќе го дочека осамостојувањето на Република Македонија на самиот почеток на 90-тите години од сега веќе минатиот век. Дури и повеќе од тоа, тој ќе биде протежиран како сериозен кандидат за прв претседател на Републиката на предлог на штотуку формираната ВМРО-ДПМНЕ, како симбол на новите демохристијански вредности и како обединувачка алка за неопходното национално единство на младата самостојна држава.

Документот е составен дел од едицијата „Црните страници на УДБА“ на Државниот архив. Текстот што следи е објавен во списанието „Македоника“ бр.23-24 од 2020 година, во издание на „Македоника литера“, и нема намера на било кој начин да го оценува ликот и делото на Дедо Михаил, туку да укаже на одредени специфични моменти од неговиот несомнено бурен живот.

Во личното досие на Дедо Михаил нема документ дали златникот завршил во негови раце или, пак, важело старото правило-Не за кого е речено, туку за кого е печено.

Животот секојдневно не учи дека суровата судбина многу често знае да си поигра со луѓето. Документите за Дедо Михаил несомнено уште еднаш го потврдуваат тоа. Во дадено време, во дадени историски услови и околности и тој ќе биде и на дното и на врвот. Од член на АСНОМ до државен непријател и повторно горе, како човек на МПЦ. И целиот тој животен пат се гледа и чита низ документите на некогашната тајна полиција, која речиси непогрешливо ги пишува животните страници на Дедо Михаил.

Личното досие на Дедо Михаил е водено по две линии. Првата, експонирани непријатели за време на Втората светска војна, и втората, клерикализам од Македонска православна црква. Неговиот соработнички однос ќе биде на линија на ангажман на компромитирачки материјал. А, во графата за судско-административни мерки ќе стои забележано-осудуван на 7 години и 6 месеци.

За манифестираната непријателска дејност стои: За време на окупацијата соработувал со бугарските власти и активно работел против НОП. По ослободувањето продолжил со организирана ВМ (ванчомихајловистичка) дејност за што бил осуден. Во 1949 година повторно е осуден поради ВМ дејност и создавње „општ рисјански фронт“ за борба против комунизмот. Бил секретар на Архиепископијата на МПЦ и патувал во Австралија, САД, Канада и Италија (Ватикан). Одржувал врски со припадници на разни верски конфесии во земјата и странство, странски државјани и иселеници.

И ова е донекаде поблага варијанта, зашто во Прашалникот за ревизија на личното досие содржината е построга-Методи за време на бугарската окупација, како големобугарин соработувал со бугарските власти и ширел пропаганда против НОП. По ослободувањето на нашата земја за неговата непријателска дејност за време окупација како и за непријателски истапувања против новото друштвено уредување бил хапсен и осуден на 2 години строг затвор заедно со Терзиев, Тренчев, но го фаќа амнестија. Во 1949 година е осуден на 5,5 години за ВМ дејност и создавање општ хришќански фронт за борба против комунизмот.

Од наведените биографски податоци може да се види дека Методи Гогов е роден во Штип 1912 година. Потекнува од земјоделско семејство. Основно училиште завршил во Штип, богословија во Битола, а Теолошки факултет во Белград. По завршувањето на студиите, работел како професор по веронаука во штипската гимназија, а поп станал во 1941 година. За време на војната извесен период минал на служба во Ужице, а потоа се враќа во Македонија и се придружува на партизанското движење, што ќе му донесе и учество на АСНОМ.

Од оваа временска дистанца колку, би се рекло, дури и смешно делуваат и двете обвинувања, и за борба против комунизмот и за ВМ. Но, веројатно е така во секое време-невреме. И тоа ќе остане забележано од ОЗНА, па затоа во релативно краток временски приод истиот човек ќе биде и големобугарин и српски љотиќевец, но и непоправлив борец за самостојна македонска православна црква. Три во едно! Што, нормално, не може да биде никаква пречка за врбување од страна на ОЗНА за да се обврзе дека со сите сили ќе ја помага борбата против непријателите на ДФ Југославија, дека на органите на ОЗНА секогаш ќе им дава „донесенија“ за се што ќе чуе, види и разбере под псевдонимот „Црни“.

„Црни“ нема да биде единствен псевдоним на Дедо Михаил. Во зависност од задачите, што ќе ги добива понатаму, се среќаваат уште и „Гобо“ и „Ричард Гордон“.

Цената од блискоста со Терзиев и Тренчев ќе биде исклучување на Дедо Михаил од АСНОМ. Интересно е како самиот ги оценува овие настани, што на ОЗНА и ги пренесува соработникот со кодно име „Ксантијски“. Ако може да се верува во веродостојноста на извештајот, Дедо Михаил ќе рече:„Ја да ти кажам правината, да овије денови са за мене многу важни за мојот живот и во истите многу сум преживеал. Многу сум размислувал врху това суѓење и можам само да захвалам на Бога што не сум паднал и ја во таја афера. Но, не требало много, само да дошол еднаш Терзиев и да ми говорел за таја организација сигурно не би одолил на искушение и бих се поврзал. Но това не стана а по који причини и јас сам не знам. Сам можам на бога да захвалам. Мислех врху таја работа и гледам да су избегнал од едно бедствие на моите домашни и јас самиот сигурно би бил осуден на смрт. Таја работа сега ми изгледа толко глупа а и опасна да ми се чини во животот по натамо микој пат нема да си дозволам ни да мислам. Друго ми е јасно да таја организација је толко глупа, од тија соображенија, што една група као што беше овој а и као што бева сите и од по рано се толко слаби за да можат да се борат против една организација и јака држава. И кога ке дојдат пред суд се сите само слабиќи. Јас не ги критикујем нив. Сигурно и јас би бил таков кога би бил во нивно положение. Но и од това си вадам закључение, да човекот је страшно слабиќ, и да треба да се седи мирно“.

Едно е што самиот мислел, а нешто сосема друго реалноста и посебно вистинските намери на ОЗНА, особено во време кога нескриено доаѓа до израз српското влијание во Македонија. И останува дилемата дали за натамошниот развој на настаните решавачка улога ќе има неговото инсистирање за создавање самостојна македонска црква, што ќе биде протолкувано како спроведување бугарска идеја во Македонија, а цената ќе биде 5,5 години затвор заради учество, наводно, во нова ВМ група. Како и да е, Дедо Михаил ќе си го одлежи своето. И животниот пат ќе го продолжи како свештеник во Св.Мина, Св.Петка, Св.Константин и Елена, Архиепископијата, Синодот…

За приказната, пак, значајна е 1959 година. Во април месец, тогашната веќе УДБА, и на републичко и на југословенско ниво, по линија на клерикализам во својата машина ќе го стави тогашниот скопски бискуп Смиљан Фрањо Чекада. Причината е повикот на тогашниот папа Иван XXIII за обединување на католичката и православната црква, што ќе рече обединување и со МПЦ, а требало да се оствари на екуменскиот собор закажан за 1962 година, но што ќе предизвика „големи главоболки“ за југословенските власти, кои нема да сакаат да дојде до таква Унија.

Чекада преку посредничката „Мирјана“, инаку ќерка на офицер на ЈНА во Скопје, ќе инсистира на средба со Дедо Михаил и до тоа ќе дојде во неколку наврати, нормално, под контрола на УДБА, а главниот извор ќе биде Дедо Михаил под псевдонимот „Гобо“. Со оглед на заинтересираноста и на сојузната УДБА, извештаите од разговорите на двајцата свештеници ќе бидат пишувани на српски јазик.

По неколку неуспешни обиди, првиот директен контакт меѓу Чекада и Дедо Михаил ќе биде одржан на 24 ноември 1959 година и тоа во станот на посредничката или соработничката со псевдоним „Мирјана“. На самото влегување Дедо Михаил ќе изрази жалење, што нема да може да се задржи долго, зашто ќе мора да замине на вечера во Св.Мина во чест на празникот на црковниот храм, на која треба да присуствува и Митрополитот, а тој бил повикан како нејзин бивш старешина. Целиот извештај од средбата е содржан на 16 страници.

Но, еве што, меѓу другото, ќе рече Чекада во разговорот:

„Видете оче Методиј, Вие сакавте да се сретнете со мене-со бискупот Чекада, а бискупот Чекада не помалку сакал да се види со отецот Методиј Гогов. И ако Вие сте слушнале за мене нешто можеби пофално, и јас сум слушнал за Вас убави и добри работи, и тоа од сите страни. Е, па, драго ми е да Ве видам. За Вас имам слушнато дека Вие, на пример, секогаш сте биле наклонети кон пријателски контакти меѓу двете големи цркви, западната и источната, католичката и православната; потоа сум слушнал од луѓе, кои биле во затвор со Вас, дека таму добро сте се држеле, дека сте се покажале како човек, како христијанин, а токму ваквите прилики ја истакнуваат вистинската човечка содржина. Да, како што болеста покажува каков е човекот, така слично е и со затворот…

…Видете, се повеќе и повеќе се чувствува потребата за контакт меѓу добромислечките луѓе на двете страни. Јас сум убеден дека ги има и кај нас и кај вас. Ние единството нема да го постигнеме преку ноќ, но приближувањето можеме да го постигнеме многу брзо, зашто приликите во светот се одвиваат во тој правец. Инаку, Вие знаете исто како и јас дека разликите меѓу нас не се толку од доктринарна природа, а јас мислам дека меѓу нас нема и нема догматски разлики. Најфамозната разлика „филиоквите“ е веќе од порано, всушност, прогласена како инфицирана…

…Добро е што и на едната и на другата страна се согледува дека имало тактички грешки и посебно овој папа Иван XXIII тоа реално го признава. Тој неодамна на еден апостолски администратор, кој бил кај него во аудиенција, односно мојот колега, монсињор Грацие Ивановиќ, му рекол: Ние на колена мораме да се молиме за единство, зашто сме виновни, рекол ние сме виновни. Да, па ќе работиме ние, драг оче Методиј, стрпливо, полека, на приближувањето…“.

На средбата Чекада нема да заборави да спомене и што слушнал за држењето на Дедо Михаил пред судот.

„Сум слушнал дека и во таа прилика сте се држале добро. Кога се интересирале за вашиот однос кон христијаните од други конфесии, а особено спрема католичката црква, дека сте им одговориле:„Вашето е начело, Ваша е паролата-Пролетери од сите земји обединете се, а мојата е-христијани од сите земји обединете се. Јас на тоа Ви честитам, за да им го каже тоа човек на овие циници, треба да има срце, душа и треба да има кичма“.

Дедо Михаил, според извештајот и според добиените инструкции цело време ќе се држи воздржано, како за на прва средба. Нема ништо да вети, ќе воспостави контакт, ќе истакне свои познати од католичкиот клер, ќе бара литература француска и англиска, но пред се информации за намерите на тогашниот актуелен папа за да знае како да настапи пред своите колеги од православното свештенство.

Еве некои делови од разговорот, што ќе ги зинесе Дедо Михаил. Во врска со познанството со претставници на католичката црква, тој ќе го спомене затворскиот пријател, свештеникот Жарко Брзиќ.

„Тој сега е во Задар, го посетив кога бев на одмор во Далмација, бев негов гостин и можам да Ви кажам дека двете години заеднички живот, заеднички страдања, беа години кога јас повеќе навлегов во заедничкиот дух и на католицизмот и на праволсваието. Жарко повеќепати извикуваше:„Немој Методија, па зар Вие така учите“-така е Жарко. И можам да Ви кажам дека неговото присуство ме импонираше и сметам дека и јас нему му бев пријатен и добар и корисен. Дури повеќепати ми забележаа и моите другари-колеги свештеници (бевме 30-тина), кои ми зборуваа-што бараш ти со католички свештеник, зошто не седиш со нас, зошто со нас не разговараш. Јас со моите немав што да зборувам, а со него имав многу нешта за зборување. А, тоа не беа празни приказни“.

„…И сметам дека би можел да бидам повеќе запознат со тоа што се бара. Вие предмалку споменавте една работа, јас не бев на чисто со тоа. Да кажеме-приближување, зборот приближување, тој збор е многу утешен, многу приближувачки, за единство не може да се говори. За некаква Унија во догледно време не можеме да говориме, а за приближување може да се говори. Како што не можам да се доближам до многу мои пријатели католици, не како човек, туку како христијанин. Еве и со Вас е ова прв контакт, можеби ќе следуваат и други, јас се надевам. Тоа говори дека може да има приближување, а од приближувањето може да излезе и единство, но без познавање на работите-не може. Да Ви кажам искрено, јас лично не познавам, а бидте уверени дека моите колеги уште помалку знаат, уште помалку се интересираат…“.

„…Знаете, нив тоа не ги интересира. И сметам дека работата повеќе може да произлезе од Белград. Во Белград имате…со Грција. Грција, сепак, е земја која има најмногу авторитет во православниот свет. Бугарија исто живее со активен духовен живот, повеќе од нас. Сега со Русите, не би сакал да зборувам. Романија исто живее интензивно, колку што може да се живее под руска чизма. Но, сметам дека тие работи треба повеќе информативно да се даваат. Но, како? Да кажам би се остварила една работа. Јас би можел да пробам-добив една картичка од оние во Белград пред две недели, од уредништвото на „Православни мисли“, ми велат тие-зошто Вие не пишувате ништо, пред војната пишувавте, а сега ништо не пишувате. Многу би сакал да ги склопам тие работи. Ќе го изведам тоа и без многу коментари, па на Белград ќе му испратам ако сакаат да објават. Што мислите Вие за тоа…“.

(Утре -Тајната дипломатија и несудениот златник за Дедо Михаил: Нашата црква е полна, зашто на разбирлив, македонски јазик ги читаме молитвите)