Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска и утре ќе престојува во официјална посета на Македонија. За време на оваа дводневна посета, Столтенберг и членовите на Северноатлантскиот совет, ќе имаат средби со претставници на државниот врв со кои ќе разговараат за процесот на пристапување на земјава во Северноатлантската алијанса.

Ова е прва посета на Столтенеберг и високи претставници на НАТО на земјава по потпишувањето на протоколот за членство на Македонија во Алијансата, што досега го ратификуваа 13 од 29-те земји членки. По ратификацијата од страна на сите сојузници, земјава и официјално ќе стане 30-та полноправна членка на НАТО.

Северноатлантскиот совет е главно политичко тело кое ги носи одлуките во НАТО. Советот ги надгледуваа политичките и воените процеси во врска со безбедносните прашања што влијаат на целата Алијанса. Го сочинуваат претставници на сите земји членки, а претседавач е генералниот секретар.

Во Тирана пред големиот опозициски митинг

Во Скопје, Столтенберг ќе допатува од Тирана, каде што ќе престојува само неколку часа пред најавениот седми по ред „национален протест“ на обединетата албанска опозиција. Според најавите на албанските медиуми, во албанската престолнина Столтенберг ќе оствари средби со премиерот Еди Рама и со шефот на државата Илир Мета.

Како што е најавено, во фокусот на разговорите ќе биде регионалната безбедност, но и актуелната политичка состојба во Албанија, која годнава одбележува 10 години од членството во НАТО.